Во изминатиов период се снимаше новиот музички серијал наречен „АМАНЕТ“ со Дамјан Стојаноски. Ова претставува едно вистинско освежување на македонската фолк сцена. Многу убави македонски песни ќе бидат спасени од заборав, а и оние кои им се веќе познати на слушателите, вака „спакувани“ во нов аранжман со изворни македонски инструменти, отсвирени и испеани во живо, ќе добијат една поинаква тежина.


Во овие шест епизоди кои се снимени досега ќе слушнете преку 30 песни. Дамјан е во улога на домаќин, а во секоја од епизодите има по еден гостин. Гостите се негови блиски луѓе од музичкиот свет и од професорската фела, кои го носат и го чувствуваат истиот „аманет“ како и самиот тој. Покрај разговорите и песните, во секоја епизода ќе има и посебен дел (рубрика) посветен на великанот Војо Стојаноски.

„АМАНЕТ не е само музика и не се само песни. Ова е мојот начин да му се оддолжам на минатото и да оставам трага за генерациите што доаѓаат после нас“, вели Дамјан.


Зад целиот овој обемен и професионален проект стои докажана екипа. Во секоја епизода музичката придружба е во изведба на ВИС „Аманет“ под водство на Андреј Трајковски, аудиото е снимено, миксано и мастеризирано од Кристијан Јаневски, додека за врвната видеопродукција се погрижи „АРТ Студио“.
Официјалната премиера на првата епизода е закажана за оваа недела во 20:00 часот на официјалниот YouTube канал на Дамјан Стојаноски.






