Почетна > Македонија > „Уникат Бенд“ со рекордна сезона: концерти, соработки и настапи од Македонија до Германија (Фото)

„Уникат Бенд“ со рекордна сезона: концерти, соработки и настапи од Македонија до Германија (Фото)

///
Comments are Off

Македонскиот музички состав „Уникат Бенд“ продолжува да гради силно присуство на домашната и меѓународната сцена, комбинирајќи модерни звуци со традиционални елементи што ја освојуваат публиката на секој настап. Нивната препознатлива енергија и емотивен карактер ги прават еден од најбараните бендови во државата.

Бендот го сочинуваат петмина врвни музичари, секој со свој посебен печат:

  • Филип Чуруковски – вокал, познат по својот моќен, карактеристичен глас и врвна сценска интерпретација,
  • Антонио Николовски – хармоника, чиј топол, препознатлив звук ја носи балканската душа на секоја изведба,
  • Игор Тодоровски – саксофон и кларинет, задолжен за елегантната мелодика и силната емоција,
  • Мартин Петрески – бас-клавијатура, кој создава длабока ритмичка основа и стабилност во звукот и
  • Петар Ивановски – тапани, двигателот на енергијата и динамиката на бендот.

Со овој спој на музичари, „Уникат Бенд“ успешно ги спојува традицијата и современиот звук, правејќи го секој настап посебен и автентичен.

Неодамна, „Уникат Бенд“ снимаа кавери со познати македонски народни и забавни песни кои потоа се емитуваа на единствената македонска музичка телевизија во Македонија – Балкан Мјузик телевизија. Инаку, оваа сезона бендот бележи богата програма и успешна соработка со медиумите и културните организации. Посебно значајна е врската со Балкан Мјузик телевизија, каде што членовите на бендот во изминатиот период гостуваа во повеќе популарни емисии, секогаш дочекани професионално и со голема поддршка.

Голем впечаток за „Уникат Бенд“ оставија настапите во емисијата „Везилка“, каде „Уникат Бенд“ заедно со Битолската коњаница создаваат уникатни музички моменти. Во подготовка се и нови заеднички проекти, кои уште повеќе ќе ја продлабочат оваа креативна соработка.

Пред празниците, бендот има исполнета агенда со големи јавни настапи и тоа: 20 декември – специјален ангажман на Новогодишниот базар во центарот на Куманово, заедно со Битолската коњаница. Настан кој ветува традиција, празнична атмосфера и многу музика и 31 декември кога бендот ќе настапи во рамки на Зимската приказна во Старата Битолска Чаршија, а најголемото славје следува во Хотел ПрестолОхрид, каде ќе биде организирана голема новогодишна вечер со продолжена забава на 1 јануари 2026.

Годината за овој бенд започнува интернационално. Тие на 10 јануари ќе настапат на Македонската вечер во Нирнберг, Германија, каде во соработка со Битолската коњаница подготвуваат специјална точка – вистинско изненадување за македонската заедница во Германија.

„Уникат Бенд“ и понатаму останува верен на својата мисија – да ја претстави македонската музичка традиција на современ и уникатен начин. Со нови проекти, настапи и креативни соработки, бендот се позиционира меѓу највлијателните македонски музички состави денес.

Текстот го подготви: Иван Јосимовски

Може да ви се допаѓа и
Музичкиот феномен Јаков Јозиновиќ го претставува новиот сингл „Ја волим“ (Фото+Видео)
Сеќавање на доајенот на македонската народна музика – Петранка Костадинова (Видео)
Поранешниот менаџер на Чолиќ – Адис Гојак ја напушти вилата по експлозијата на Дедиње
Нови детали по експлозијата кај вилата на Чолиќ: Кој бил вистинската цел? (Фото)