Почетна > Македонија > Сергеј Ќетковиќ приреди две одлични магични вечери во центарот на Скопје

Сергеј Ќетковиќ приреди две одлични магични вечери во центарот на Скопје

///
Comments are Off

Во амбиентот на преполнетата сала на Македонската филхармонија, балканскиот маестро на емоциите, Сергеј Ќетковиќ, приреди две вечери кои ќе останат врежани во срцата на скопската публика. Во атмосфера исполнета со искрена љубов, топлина и длабока човечка поврзаност, Ќетковиќ не само што ја спои музиката со уметноста, туку и ги претвори концертите во интимна исповед, каде секој тон раскажуваше приказна.

Концертите започнуваа точно на време, во момент кога светлата сè уште тивко трепереа, а салата се полнеше со возбуда. Веднаш по првите акорди на песната „Долазим“, се наметна тонот на вечерта – меланхоличен, но пречистувачки. Хитовите се нижea еден по друг – „Љубав није за сваког“, „Нек те љубав дочека“, „Нису ми дали да те волим“, „Ако те није“ – секоја песна звучеше како исповед, а не како обичен настап. Публиката не само што слушаше, туку доживуваше, живееше, и понекогаш – тивко плачеше.

Она што ги направи овие два концерти посебни не беше само музиката, туку и начинoт на кој Ќетковиќ комуницираше со публиката. Со спонтана топлина, хумор и шарм, тој ги рушеше границите меѓу сцената и салата. Слeзе меѓу луѓето, ги прегрна, се фотографираше, разговараше… Во тие моменти, секој обожавател почувствува дека е дел од нешто многу лично, многу вистинско.

Најинтензивниот емоционален врв на вечерта се случи кога на сцената се појави Елена, која со својата интерпретација на „Доживотно“ внесе уште подлабока емотивна боја во концертот. Нејзиниот вокал, сигурен и полн со болка и нежност, ја освои публиката во целост, оставајќи ја без зборови, но со срце што чука побрзо.

Концертот заврши онака како што и започна – со љубов. Публиката не го пушти лесно од сцената. Со громогласен аплауз и извици, Ќетковиќ се врати за бис, изведувајќи уште неколку песни, од кои „Ако те није пронашла љубав“ ја заокружи оваа музичка приказна.

„Оваа ноќ ја носам со себе. Секоја прегратка, секој поглед – сè беше вистинско. Благодарам од срце“, рече Сергеј на крајот, трогнат и искрено благодарен.

А емоционалното патување не завршува тука. Летната кулминација е закажана за 3-ти август, на Античкиот театар во Охрид – каде љубовта, музиката и ѕвездите ќе се спојат во едно.

Текстот го подготви: ПР тимот на Балкан Мјузик ТВ

Може да ви се допаѓа и
„Земјо Македонска“ одекна како финале на уште една музичка „На Здравје“ фешта
Со македонска музика и познати балкански ѕвезди, Прилеп повторно ќе го слави летото со вкусна скара, одличен звук и полна душа
Тајзи, Либеро Бенд, Марија Шерифовиќ – дел од „Тиквешки Гроздобер 2025“ (Фото)
„Марифет“ со спектакуларен концерт во Прилеп го одбележа 10 годишниот јубилеј (Фото)