Македонскиот пејач Орде Неделковски неодамна сними видеоспот за својата најнова музичка приказна – песната „Жено неверна“. Станува збор за современа, како што вели тој радио-френдли нумера со моќен текст и карактеристичен вокал каде што доаѓа до израз самиот Неделковски, едноставно, песна која уште на прво слушање го привлекува вниманието на публиката.
„Жено неверна“ е резултат на успешната соработка помеѓу врвни музички имиња и тоа:
- Музика и аранжман: Бобан Мојсовски,
- Текст: Орце Зафировски и
- Снимање на аудио делот (песната): The Studio – Горан Мирковски
Современиот звук, внимателниот избор на аранжман и изразената емоција во текстот и интерпретацијата, ја прават песната вистински музички адут за сезоната.
Видеото за „Жено неверна“ кое што наскоро ќе биде промовирано пред македонската јавност, е дело на најдобрите – Арт Студио продукција, а кадрите се снимени на неколку внимателно одбрани скопски локации. Главната сцена е поставена во познатиот ресторан „Стар Боем“, но делови од видеото се реализирани и на уште две урбани локации во главниот град. Спотот со сигурност ќе го долови карактерот и атмосферата на самата песна, надополнувајќи ја приказната на авторите.

По успешната соработка, Орде Неделковски веќе работи и на нова песна, која го носи насловот „Стара Чалгиска“. Песната ќе биде промовирана до крајот на месец март 2026, а тимот најавува уште поразличен и специфичен музички правец. И оваа нова нумера се очекува да биде едно од најслушаните музички изданија во претстојниот период.
Орде Неделковски е дел и од популарната Група Круна, која моментално работи на сосема нов музички проект. Нивната нова песна ќе излезе во јавност за многу краток период, а групата најавува уште едно силно музичко издание, препознатливо по нивниот стил и свирка. За сите кои Новата година планираат да ја прослават со добра забава и жива музика – веста е повеќе од совршена. Група Круна и Сузана Гавазова ќе настапат во хотел „Либеро“ во Делчево, каде што веќе се најавува викенд исполнет со незаборавна атмосфера, енергија и одлични хитови.

Инаку, Орде Неделковски не блеска само на сцената. Публиката го следи и како водител на популарната музичка емисија „На здравје“ на единствената музичка Балкан Мјузик телевизија. Соработката трае веќе втора сезона, односно цели две години, а и публиката и продукцијата се надеваат на долгогодишна и успешна соработка.
Орде Неделковски и неговите нови музички проекти само уште еднаш го потврдуваат неговиот раст на македонската музичка сцена. Секоја нова соработка, песна или настап, е чекор напред кон уште посериозно и стабилно артистичко присуство. Во период кога македонската сцена добива сè повеќе свежи и квалитетни музички изданија, Орде Неделковски дефинитивно е име кое ќе го слушаме се почесто и уште подолго.
Текстот го подготви: Иван Јосимовски






