Со новиот сингл „Нека ме снема“, Немања Денчиќ уште еднаш докажува дека искрената емоција и квалитетната музичка продукција се формула која секогаш допира до публиката. Песната, која беше промовирана пред неколку дена од страна на Арт Студио продукција, веќе го привлекува вниманието на љубителите на современиот македонски поп-звук.
Музиката за „Нека ме снема“ е дело на Бобан Мојсовски – Мојсо, кој заедно со Љупчо Соколовски го потпишува и аранжманот, давајќи ѝ на песната модерен, „светски“ шмек. Текстот, кој носи силна емоционална тежина и лесно се препознава кај слушателите, е напишан од Борче Бока – Рафинерија, автор познат по својата директност и искрен лирски израз.
Финалниот звук е заокружен во студиото City Sound, каде што се реализирани миксот и мастерингот, што дополнително ја истакнува длабочината и атмосферата на композицијата.

Видеоспотот за песната е реализиран од Арт Студио продукција, со режија и камера на Дејан Ѓоргиев, кој преку внимателно избрани кадри успева визуелно да ја долови емоцијата на песната. Воздушните кадри, снимени со дрон управуван од Давид Стојковски, ѝ даваат дополнителна динамика и филмска димензија на целата приказна.
„Нека ме снема“ говори за внатрешни немири, за тишината што знае да биде погласна од зборовите и за моментите кога човек се соочува сам со сопствените емоции. Песната носи и посебна, тажна симболика – ова е последната композиција на која како пратечки вокал учествува Сара Пројковска, која трагично го загуби животот во несреќата во дискотеката „Пулс“ во Кочани, минатата година.
Како звучи новата песна на Немања Денчиќ и како изгледа неговиот најнов видеоспот, погледнете во продолжение.
Текстот го подготви: Иван Јосимовски






