Македонскиот пејач и автор Мите Стоилков ја претстави својата нова љубовна балада „Пукај во мене“, ексклузивно промовирана на неговиот официјален YouTube канал. Станува збор за длабоко емотивна песна која, како што самиот вели, одамна тлеела во него, но дури сега почувствувал дека е вистинскиот момент да ѝ даде живот
„Оваа песна за мене не е нова. Таа одамна живее во мене, но дури сега почувствував дека сум подготвен да ја споделам со публиката – со целосна емоција, искреност и внимание на секој детал“, изјави Стоилков за Балкан Мјузик.
Музиката и аранжманот се авторство на самиот Стоилков, додека текстот го потпишува еден од највпечатливите текстописци на македонската естрада – Орце Зафировски. Комбинацијата на нивната уметничка визија резултира со нумера која допира директно во срцето.
Видео спотот пак, снимен на романтичната локација Love Restaurant by Allikas, е во продукција на Арт Студио, под режисерска палка на Дејан Ѓоргиев. Целта на видеото е не само визуелно да ја пренесе атмосферата на песната, туку и да раскаже љубовна приказна која остава впечаток.
Но, со оваа балада не завршува креативниот период на Стоилков. Тој најави дека веќе е подготвена и следната песна која наскоро ќе ја објави, како и цел албум што е во подготовка.
Интересен новитет е и неговото вклучување во специјален музички проект во Белград – Džej Tribute Band, кој сè уште е во тајност, но како што вели, ќе биде вистинско изненадување за регионалната публика.
„Во идниот период активно продолжувам со снимање нови синглови, работам на музички албум, а паралелно се подготвуваат и концерти, настапи и фестивали. Работам со љубов и посветеност, и секој нов чекор го правам со желба да оставам трага преку музиката“, додаде Стоилков.
Со посебна чест и задоволство ве покануваме да ја слушнете новата песна „Пукај во мене“, и да се препуштите на емоциите што ги носи – искрени, длабоки и автентични, како што и самата музика на Мите Стоилков отсекогаш била.