Почетна > Македонија > 35 години хитови, една ноќ магија: Миле Кузмановски направи роденденско-јубилеен музички спектакл кој ја испиша историјата (Фото+Видео)

35 години хитови, една ноќ магија: Миле Кузмановски направи роденденско-јубилеен музички спектакл кој ја испиша историјата (Фото+Видео)

///
Comments are Off

Дваесет и четврти декември, датум што традиционално се поврзува со предвечерието на големиот католички празник Божик, годинава доби и дополнително значење на македонската музичка сцена. Токму на овој ден, во преполната сала на Македонската опера и балет, беше одржан долго најавуваниот јубилеен солистички концерт на една од најголемите легенди на македонската народна и фолк музика – Миле Кузмановски.

Интересот за концертот беше огромен, а МОБ се покажа како претесна да ги собере сите љубители и почитувачи на делото што Кузмановски го создава веќе 35 години. Концертот започна во 20 часот и уште од првите тонови беше јасно дека станува збор за вечер исполнета со емоции, спомени и музика што оставила длабока трага кај повеќе генерации.

Миле Кузмановски, препознатлив по својот автентичен стил и силна емоционална интерпретација, на сцената беше придружуван од Камерниот оркестар на Битола, што ѝ даде дополнителна уметничка димензија на вечерта и ја нагласи зрелоста и сериозноста на неговиот музички израз. Овој концепт уште еднаш го потврди неговото заслужено место на самиот врв на македонската фолк-естрада.

Со силна емоција и достоинство какво што му прилега на еден од најголемите интерпретатори на македонската народна и забавна песна, Миле Кузмановски го отвори својот јубилеен концерт во Македонската опера и балет. Вечерта започна со безвременската балада „Роман“, песна која уште од првите акорди ја внесе публиката во интимна и свечена атмосфера, исполнета со спомени, љубов и музичка зрелост.

„Би сакал да ви посакам добровечер, и да ви се заблагодарам што ме удостоивте со вашето присуство и што сте тука кога го пославувам мојот јубилеј од 35 години музичка кариера и роденденот мој денешен“, им се обрати пејачот Миле Кузмановски на присутната публика, изразувајќи чест и радост што токму со нив го одбележува јубилејот од 35 години плодна музичка кариера, како и својот роденден. Неговите зборови беа пречекани со долготраен и искрен аплауз, честитки и емоции кои ја потврдија длабоката врска што со децении ја гради со публиката.

Во исто таков силен и инспиративен дух, концертот продолжи со „Погрешно време“, уште една композиција која ја потврди неговата уметничка големина и статус на легенда на македонската музичка сцена. А веднаш потоа се и хитовите: „Не кани ме“, „Шприцер“, „Крал без круна“, „Се што побарав од тебе Господе“… и многу други.

Емоциите имаа главна улога на сцената на Македонската опера и балет, каде што легендата на македонската народна песна, Миле Кузмановски, приреди вечер што долго ќе се памети. Најтрогателниот момент дојде кога салата се обедини во едно – колегите и публиката, предводени од Сузана Спасовска, му ја запеаја роденденската песна. Миле токму таа вечер го одбележа својот 54-ти роденден, а солзите во неговите очи зборуваа повеќе од илјада зборови. Тоа беше миг што ја откри вистинската страна на уметникот – зад моќниот и препознатлив глас стои човек со големо срце, искрен, чувствителен и благороден. Вечерта дополнително ја збогатија и гостувањата на Бојана Скендеровски и Спасен Сиљановски, кои со своето присуство и изведби ѝ дадоа уште поголема тежина на оваа музичка прослава.

Роден на 24 декември 1971 година во Скопје, Кузмановски зад себе има богата и успешна кариера, настапи на речиси сите домашни фестивали, како и бројни концерти ширум светот. Публиката најмногу го препознава по безвременските балади „Не кани ме“ и „Крал без круна“, а токму „Не кани ме“ останува песна што ја одбележа неговата кариера. Музиката за оваа песна ја потпишува Орце Лазаров од Група Академци, додека текстот е дело на Огнен Неделковски. Во текот на годините, Миле има одржано повеќе значајни солистички концерти – во 2010 година во Универзална сала со Група Академци, во 2012 година со Арија Бенд и специјални гости, а неговиот концертен пат продолжува и понатаму со истата страст и енергија.

„Типувам на тоа дека „Не кани ме“ ќе ја пеам заедно со публиката. Убаво е кога една песна ќе стане народна и ќе живее со луѓето. Сè уште имам што да раскажувам преку музиката“, изјави Кузмановски пред самиот концертот.

Публиката имаше можност да ја слушне и поновата песна „Срце храбро“, промовирана минатата година, која во духот на староградската и боемска музика веќе го најде своето место кај слушателите.

Јубилејниот концерт во Македонската опера и балет не беше само музика – туку љубов, почит и благодарност и силен потсетник дека вистинската песна, искрената емоција и долготрајната посветеност секогаш го наоѓаат патот до публиката.

Текстот го подготви: Иван Јосимовски

Може да ви се допаѓа и
Јордан Митев испиша 20 години македонска музичка историја со песна за својот син (Видео)
Најгледната музичка телевизија во Македонија – Балкан Мјузик телевизија подготвува спектакуларна новогодишна програма со над 70 македонски музички ѕвезди (Видео)
Во пресрет на празниците: Домашна музика, топло расположение и добро друштво во новото издание на „На здравје“ (Видео)
Замолкна гласот што нè учеше да слушаме музика – почина Драган Б. Костиќ