Почетна > Македонија > Молитва, музика и љубов: Македонските иселеници во Ратинген ќе го почувствуваат благословот на „Терирем“ (Фото)

Молитва, музика и љубов: Македонските иселеници во Ратинген ќе го почувствуваат благословот на „Терирем“ (Фото)

///
Comments are Off

По претставувањето во Прилеп, а потоа и во Кочани, духовно-уметничкиот проект „Терирем“ своето молитвено патување го продолжува кон македонската заедница во Германија. На 15-ти ноември (сабота), со почеток во 18:30 часот, во црквата „Св. Петка“ во Ратинген (МПЦО Диселдорф) ќе се одржи посебна духовна вечер исполнета со древни византиски напеви и молитвени песнопеења.

Настанот претставува доближување на духовната традиција и убавината на православното црковно пеење до нашите иселеници во Европа. Преку „Терирем“, учесниците ја споделуваат вековната музичка и духовна традиција на Македонија со верниците и љубителите на духовната музика во дијаспората.

Првото претставување на проектот се одржа на 14-ти октомври 2023 година во црквата „Св. Петка“ во Прилеп, каде со многу љубов, солзи и духовна исполнетост верниците го почувствуваа внатрешниот мир и присуството на Божјата благодат, а истото подоцна се случи и во Кочани на Духовната академија во организација на општина Кочани.

И овојпат, настанот во Ратинген се замислува како заедничка молитва за мир, љубов и благосостојба во светот и во нашата татковина Македонија. Вечерта, нашата музичка ѕвезда, како вокален солист ќе настапи со црковниот клирос “Пелагонитиса” под водство на Протопсалт м-р Георгиј Секулоски.

Сузана Спасовска и црковниот клирос “Пелагонитиса” ќе и овозможат на публиката да ги слушне древните црковни напеви, кои ќе оддекнат во храмот како молитвен возглас и духовен повик за заедништво, мир и радост.

Настанот се реализира со љубовна грижа и благослов на црквата „Св. Петка“ и Европската епархија на МПЦ-ОА, а е поддржан и од Министерството за надворешни работи на Република Македонија.

„Се’ што дише нека го фали Господа, и се што правиме да биде Богоугодно и човекољубиво“, порачуваат организаторите, Сузана и Пелагонитиса, и изразуваат благодарност кон сите што ја поддржуваат оваа духовна мисија.

Слава му на Бога за сè!

Текстот го подготви: Иван Јосимовски

Може да ви се допаѓа и
Емоција без граници: Александар Ицов со успешна турнеја ја слави македонската музика во Австралија (Фото+Видео)
Недела резервирана за македонска традиција: Нова епизода од „На Здравје“ во недела во 20 часот (Видео)
Фолк дивата Елена Јовческа во полн сјај: Нови песни, видеоспотови и концерти низ Европа (Фото)
Борче Наумовски – Министерот за естрада: Од скијачките патеки на Пелистер до голем концерт во Хераклеа (Фото)