По цели пет години пауза, Македонија повторно ќе биде дел од најголемиот европски музички спектакл – Евровизија. Веста ја потврди новиот директор на МРТ, Зоран Ристоски, кој на јавната седница на Програмскиот совет откри дека земјава ќе испрати свој претставник на Евровизија 2027.
Следното издание на фестивалот ќе се одржи во Бугарија, откако младата бугарска поп-ѕвезда Дара триумфираше со песната „Bangaranga“ на годинешниот избор во Виена, носејќи ѝ ја првата евровизиска победа на соседната земја.
Ристоски истакна дека веќе остварил средби со претставници на European Broadcasting Union (ЕБУ) и дека Македонија има силна поддршка за враќање на сцената на Евросонг.
„Со сигурност можам да кажам дека Македонија ќе настапи на Евровизија 2027. Добиваме поддршка во промоција на македонските културни вредности, а очекуваме и поповолен пакет за повторното учество“, изјавил Ристоски.
Тој најави и нов пристап во изборот на претставникот, потенцирајќи дека завршува периодот на нетранспарентни одлуки и затворени избори. Како доказ за тоа, веќе е распишан јавен оглас за избор на композиција што ќе ја претставува Македонија на Junior Eurovision Song Contest 2026. Македонија последен пат настапи на Eurovision Song Contest 2022 со Андреа Коевска и песната „Circles“, но тогаш не успеа да обезбеди место во финалето.
Последниот голем успех на Македонија останува настапот на Тамара Тодевска во 2019 година. Со песната „Proud“, таа го освои високото седмо место – најдобар резултат за Македонија во историјата на Евровизија.
Враќањето на Македонија на Евросонг веќе предизвикува голем интерес кај домашната јавност, а љубителите на фестивалот очекуваат нова енергија, модерна песна и избор што конечно ќе ја обедини македонската музичка сцена.
Текстот го подготви: Иван Јосимовски






