Во изминатите два дена Пехчево живееше во знакот на музиката, трубата и добрата атмосфера. Малото малешевско градче уште еднаш покажа дека кога станува збор за квалитетна музичка програма и беспрекорна организација, без проблем може да биде домаќин на илјадници посетители од Македонија и соседните земји. На 10-ти и 11-ти јули успешно се одржа 16. Фестивал на дувачките оркестри, кој уште еднаш ја потврди својата позиција како една од најпосетените летни музички манифестации во источниот дел на државата.
Екипата на музичкиот портал Балкан Мјузик телевизија, како еден од официјалните медиумски покровители на фестивалот, беше присутна во текот на целиот настан и одблиску ја проследи секоја фестивалска приказна – од подготовките зад сцената, па сè до последните акорди кои одекнуваа до раните утрински часови.
Првата вечер започна со настапот на пензионерскиот хор „Малешевска китка“, кој ја отвори програмата со прекрасни македонски песни. Следуваа настапите на Кверкус Бенд, Матеј, Бојана Ѓузелова, како и виртуозите на трубата Бојан и Богдан Ристиќ од Србија. Круна на вечерта беше концертот на Драган Којиќ Кеба, кој со своите безвременски хитови ја воодушеви многубројната публика. Но забавата не заврши тука. За вистинска фестивалска експлозија се погрижија Brass Brothers, кои со својата неверојатна енергија и препознатлив звук ја продолжија забавата до раните утрински часови.
Вториот фестивалски ден беше можност и за кратко уживање во природните убавини на Малешевскиот регион. Вечерната програма започна со настап на учесниците од детскиот фестивал „Поточиња“, по што следуваше трибјут-составот Бело Копче, кој ги изведе најголемите хитови на легендарното Бијело дугме. Публиката потоа ја дочека една од најатрактивните балкански поп-ѕвезди, Теодора Џехверовиќ, која со својот настап, сценска енергија и хитови ја крена атмосферата на највисоко ниво. За големото финале беше задолжена Ике Де Кока, која со својот препознатлив музички стил стави точка на уште едно успешно фестивалско издание.
Програмата низ двете фестивалски вечери маестрално ја водеше Ирена Спировска, која со својот препознатлив шарм, професионалност и позитивна енергија уште еднаш покажа зошто со години е едно од најомилените телевизиски лица кај македонската публика.
На крајот, голема благодарност упатуваме до градоначалникот Александар Китански, до Елица Јовевска и до целиот организациски тим за гостопримството, довербата и професионалната соработка што ни овозможија уште еднаш одблиску да бидеме дел од оваа прекрасна музичка приказна. Пехчево уште еднаш повторно покажа дека фестивалите не се само концерти – тие се место каде што музиката, традицијата, природата и добрите луѓе создаваат спомени кои долго се паметат.
Текстот го подготви: Иван Јосимовски






