Во духот на најголемиот христијански празник – Велигден, кога радоста, љубовта и надежта ги исполнуваат нашите срца, музичкиот портал Музика24 во соработка со Балкан Мјузик ТВ подготви специјална велигденска анкета. Дознајте како познатите македонски музички имиња го прославуваат Христовото Воскресение, какви традиции негуваат, што им значи празникот и како ја споделуваат велигденската магија со своите најмили. Во продолжение, ви ги пренесуваме нивните искрени мисли и празнична енергија.

Лени Партикова: Велигден е празник над празниците за нас Христијаните, кога се празнува победата на животот над смртта. Со страв божји, вера и љубов се празнува во нашето семејство Христовото Воскресение со сите обичаи и традиција. Мојата мајка Марија како постара домаќинка во куќата секогаш ги вапца првите три јајца во црвена боја на Велики Четврток пред изгрејсонце. Оваа година на мојата мајка и е роденден на прв ден Велигден во недела, нека ни е жива и здрава уште многу години, ќе си прославиме годинава и Велигден и роденден. Домот ни е секогаш накитен со преубави Велигденски украси и корпи преполни со шарени јајца во сите бои за кои ми помага мојата ќерка Христина која со многу радост ги црта и шара со разни светки и стикери. А за мене најубави се оние јајца на стар традиционален начин врзани во крпчиња со лушпи од кромид и разни цветови и лисја од нашата градина без нив неможе.
Велики Петок ни е секогаш дома строг пост, а на Велика Сабота со мојот Сопруг Жарко и моето семејство одиме во црква да поминеме под Христовиот гроб и да оставиме јајце во исчекување на Христовото Воскресение , и со радост се кршиме со јајцата на полноќ означувајќи го Воскресението Христово. Јас многу години пеам во црковниот хор на Пресвета Богородица и за овој празник пееме во Црква.
Во Недела се припрема голема софра со многу традиционални јадења и салати. Наздравуваме со ракија и вино и со убава музика целото семејство заедно го славиме денот. Во чест на овој голем празник напишав многу убав текст за мојата нова песна „Велигден“ која ќе биде во мојот нов шести албум со наслов „Горда Македонка“ кој ќе имате можност да го слушате за кратко. Ви го честитам овој голем празник Христијани. Здравје, среќа и љубов во секој дом да царува Христос Воскресе – Навистина Воскресе!!!

Кате Брезева – Група Соната: Велигден е празник кој со нетрпение го очекуваме во нашиот дом. Бапцањето на велигденските јајца го правиме секогаш во сабота, ден пред големиот празник. Тој ден, во саботата, месиме и погачи кои ние во Велес ги нарекуваме Пармаци, и следниот ден во неделата истите ги носиме кај кумот и мајката. Тоа е традиција која што мислам дека е застапена само во Велес. Првиот и вториот ден од Велигден одиме на гости кај нашите повозрасни роднини, пријатели. Посетата на христијанските храмови е задолжителна, се разбира, почнувајќи од Велики Петок. Во нашиот дом најрадосна е нашата Ана.

Стојне Николова: Оваа година Велигденските празници ќе ги поминувам во кругот на моето семејство. Традиционално се собираме на ручек, и дружбата трае доцна во ноќта. Мајка ми обично вапца јајца, три јајца во четврток пред изгрејсонце, а останатите во текот на следните денови. Вапцаните јајца се скоро во сите бои, од кои најмногу доминира црвената. Голем поздрав до сите Ваши читатели со поздравот Христос Воскресе – Вистина Воскресе!

Јордан Митев: Велигден и Божиќ за мене се најголемите празници во текот на една календарска година, бидејќи како верник во тие денови чувствувам некоја посебна енергија, посебен мирис во воздухот, посебна атмосфера. Имало години кога за Велигден сум некаде на пат, но кога сум во Македонија велигденско утро го дочекувам во кругот на семејството. Во вечерните часови некаде имам настап, но утрото и денот ги поминувам со фамилијата. Во текот на утринските часови одиме во црква, а потоа нормално следи салата од јајца и чашка ракија од бочвата на татко ми и секако еден убав фамилијарен доручек и ручек. За вапцањето на црвените јајца сепак се задолжени мајка ми и сопругата. Така да Велигден како ден и празник за мене и моето семејство има една посебна духовна димензија.

Ленче Кукиќ: За мене и моето семејство Велигден е голем празник. Христовото Воскресение за нас се нов почеток, ново поглавје, нова надеж… Ние празникот го чествуваме со тоа што го посетуваме Божјиот храм во сите денови – од Велики Четврток до Велика Сабота па се до Христовото Воскресение. Традиционално во четврток рано наутро ги вапцам велигденските јајца во црвена боја и три првите три вапцани јајца ги оставам да ги пречекаат првите сончеви зраци. На овој голем празник ги посетуваме нашите родители заедно да го прославиме Велигден со убав и свечен ручек. Сите заедно на маса, како што доликува. За здравје, среќа и радост во семејството. Христос Воскресе – Вистина Воскресе!