Десетина дена сме дел од новата 2026 година – период кога сите си посакуваме повеќе убави моменти, нови успеси и исполнети желби. За нас, годината започнува онака како што најдобро знаеме – со музика, страст и голема љубов кон македонската сцена.
Зад нас останува 2025 година, исполнета со бројни музички проекти, внимателно избрани кавери, музички сплетови и видеа со дел од најпознатите македонски групи и музички имиња. Проекти кои не се само моментална содржина, туку трајна музичка архива што ќе остане засекогаш достапна на нашиот YouTube канал – за гледање, слушање и уживање, каде и да сте.
Со особена гордост можеме да истакнеме дека видеата – кавери на Група Круна, Анета Бенд и ДаКапо Бенд, иако реализирани кон самиот крај на 2025 година, веќе го живеат својот музички живот. Дел од нив веќе беа, а дел допрва ќе бидат емитувани во програмата на Балкан Мјузик телевизија, како и на YouTube, каде што публиката во секое време може повторно да им се наврати.
Но, тука не застануваме.
2026 година ја започнуваме со нов ентузијазам и уште поголеми планови. Следуваат нови музички проекти, свежи кавери, професионално продуцирани видеа и внимателно склопени музички сплетови – сè со една единствена цел: да ја негуваме, зачуваме и модерно да ја претставиме македонската музичка традиција, како дома, така и надвор од границите.
Продолжуваме да работиме посветено и со почит кон сите оние групи, бендови и имиња кои оставиле и сè уште оставаат длабока трага на македонската музичка сцена. Затоа што македонската музика не е само звук – таа е емоција, приказна и идентитет.
И најдоброто… допрва следува.
Текстот го подготви: Иван Јосимовски






