Почетна > Македонија > „Фолк Фест Владимирово 2026“ со нови 12 композиции – традицијата продолжува со засилен интензитет (Фото)

„Фолк Фест Владимирово 2026“ со нови 12 композиции – традицијата продолжува со засилен интензитет (Фото)

///
Comments are Off

И покрај динамичната агенда и бројните професионални обврски, маестро Горан Алачки уште еднаш покажа дека кога станува збор за фестивалската визија – нема компромиси. На 1 март, во пријатниот амбиент на Хотел „Панорамика“ на Водно, официјално беа претставени 12-те нови композиции што ќе се натпреваруваат на второто издание на „Фолк Фест Владимирово 2026“.

Промоцијата помина во позитивна атмосфера, во присуство на медиуми, изведувачи и соработници, но и со доза видлива љубопитност. Причината е јасна – дебитантското издание постави високи стандарди, па очекувањата за оваа година се уште поголеми.

Визијата и годинава ја носи Културниот центар „Горан Алачки“, со силна поддршка од жителите на Владимирово и Општина Берово како официјален партнер. Организациската структура зад фестивалот вклучува продуценти, сниматели, тон-мајстори и музичари кои гарантираат квалитетна и професионална реализација.

Композициите се снимани во студиото на Иван Кукиќ во Струмица, во соработка со Методија Автовски и самиот Кукиќ како тон-мајстори и продуценти – податок што дополнително ја засилува продукциската рамка.

Преслушувањето започна симболично – со легендарниот Драган Мијалковски и неговата „Крушата на татко ми“, композиција што ќе го отвори фестивалот.

Следуваа и останатите фестивалски адути:

  • Жаклина Узунова – „Зарем љубовта е таква“
  • Нино Величковски – „Дојде зор заман“
  • Виданка Георгиевска – „Абре дедо стар бел дедо“
  • Круме Спасовски – „Дојди ми лудо“
  • Смиља Митревска – „Судбина“
  • Ванчо Тарабунов – „Еј Малеш мил мој Малеш“
  • Благоја Грујовски – „Сакам да ти кажам“
  • Елена Андоновска – „Седум години минаа“
  • Перо Христов – „Ни црно вино ни бело вино“
  • Благица Калева – „Цело Берово оро заигра“
  • Горан и Ленче Кукиќ – „Чувајте ни ја нашата песна“

Селекцијата внимателно балансира помеѓу легендарни имиња и актуелни изведувачи, создавајќи впечаток на генерациски мост во македонската фолк музика.

Првичните впечатоци се дека композициите го задржуваат препознатливиот фестивалски дух, но со поизразена авторска зрелост. Рефрените се лесно паметливи, а мелодиите носат емоција што допира и до поширока публика. Дел од песните имаат потенцијал да прераснат во вистински фестивалски хитови, кои ќе се пеат и по завршувањето на настанот. По официјалниот дел, каде што телевизиската водителка Ели Танасковска и маестро Алачки детално ја образложија концепцијата, следуваа новинарските прашања – уште еден показател дека фестивалот веќе буди сериозен интерес.

Сега вниманието се насочува кон 21 мај – датумот кога јавноста ќе може да види дали второто издание ќе го надмине успехот од минатата година.

Доколку продукцијата, изборот на композиции и организацијата останат на истото ниво, „Фолк Фест Владимирово 2026“ има реален потенцијал да се позиционира како еден од значајните фестивали на македонската фолк сцена – со јасен авторски печат, локална поддршка и звучни музички имиња.

Владимирово повторно ќе пее. А судејќи според претставеното – ќе се пее гласно.

Текстот го подготви: Иван Јосимовски

Може да ви се допаѓа и
„Здраве Мјузик“ со балкански печат: Бојан и Дарко Здравески рамо до рамо со најголемите ѕвезди (Фото)
„Лавина“ ќе ја претставува Србија на Евровизија во Виена – убедлива победа со гласовите од публиката и жирито (Видео)
Неделата е резервирана за македонската песна – И оваа недела „На Здравје“ на Балкан Мјузик (Видео)
Влатко Лозаноски – Лозано најавува музичка „претстава“ на 7-ми март – „Борис Трајковски“ речиси исполнета (Фото)