Доцна синоќа белградската населба Дедиње беше потресена од силна експлозија, откако непознато лице фрлило експлозивна направа врз куќата на еден од најпознатите пејачи на Балканот, Здравко Чолиќ.
Според првичните информации од терен, детонацијата се случила во близина на капијата од вилата, а ударниот бран бил толку силен што се затресле прозорците на околните објекти. На местото на настанот веднаш пристигнале бројни полициски екипи, како и припадници на контрадиверзиските служби, кои ги блокираа сите приоди кон објектот.

Увидот го врши дежурен обвинител од Вишото јавно обвинителство во Белград, додека форензичарите детално го пребаруваат дворот и непосредната околина во потрага по гелери и остатоци од експлозивната направа. Неофицијални извори наведуваат дека станувало збор за рачна бомба.
Првите фотографии од местото на настанот покажуваат видливи оштетувања на фасадата на вилата, уништен дел од заштитната ограда, како и оштетено зеленило пред куќата. Во моментот на нападот, како што дознаваме, во објектот имало членови на семејството, но за среќа нема повредени.

Полицијата во моментов ги обезбедува и прегледува снимките од надзорните камери во улицата и на самата вила, со цел идентификација на сторителот и утврдување на точната траекторија на нападот.

Мотивот за инцидентот засега останува непознат. Здравко Чолиќ во јавноста важи за личност која никогаш не била поврзувана со конфликти или контроверзии, што дополнително го прави случајот вознемирувачки и мистериозен.
Истрагата е во тек, а надлежните институции најавуваат повеќе информации во текот на денот.
Текстот го подготви: Иван Јосимовски






