Со секоја година сѐ поголем, посилен и пополн со енергија – така изгледа најголемиот македонски фестивал на дувачки оркестри кој традиционално се одржува во срцето на Малешевијата, во Пехчево. Оваа 2025-та година, од 11-ти до 13-ти јули, на градскиот плоштад повторно ќе се слави Павловден со три дена исполнети со музика, традиција, забава и незаменливата магија на дувачките инструменти.
Организаторите со гордост го најавуваат 15-тото издание на Фестивалот на дувачките оркестри, а годинашната програма ветува вистинско музичко доживување за сите генерации.
Првата фестивалска вечер започнува со силен старт. На 11-ти јули, петок од 20ч. до 20:30 часот на градскиот плоштад ќе се одржи Свеченото отварање на 15-то издание на Фестивалот на дувачки оркестри – Пехчево 2025 и воедно ќе се одржи Етно саемот Пехчевски Павловден. Од 20:30ч. до 21 часот публиката ќе ја забавува Кверкус Бенд. За од 21 часот да започне она најубавото, на сцената ќе настапат два гиганти на балканската сцена: Џамбо Агушев Оркестар, кој со својата виртуозност веќе долго време е симбол на македонскиот дух, и легендарниот Дејан Петровиќ Биг Бенд од Србија, кој е вистински амбасадор на модерната српска труба. Вечерта ќе заврши со Dj сет на Dj Bono.
Љубителите на енергична музика и сценски перформанси ќе уживаат во вечер на високо музичко ниво, со спој на традиционално и современо.



Втората вечер, 12-ти јули сабота, е резервирана за вистинските шампиони. На самиот старт од вечерта публиката од 20 часот ќе може да ужива и да се забавува со најубаите детски песнички од “Поточиња 2025”, а веќе од 31 часот до доцна во ноќта присутната публика ќе има ексклузивна можност да ги слушне најдобрите оркестри од минатогодишниот фестивал во Гуча – еден од најпрестижните фестивали за дувачка музика на Балканот. Ќе настапат оркестарот на Владимир Ивановиќ и дувачкиот оркестар на Данијела Веселиновиќ, која важи за една од ретките жени во машкиот свет на труби и туби. Нивните настапи се гаранција за моќна, темпераментна и емотивна музика што ја крева публиката на нозе. Вечерта ќе заврпи со настап на Brass Brothers.




Најголемиот ден на фестивалот, Павловден, традиционално се одбележува со фолклорни настапи, градска литургија, и вкусен црковен ручек за сите присутни. Денот започнува со духовна и културна програма, а продолжува во знакот на дружење, игра, песна и традиционална храна.
Последниот ден од фестивалот, 13-ти јули недела, културно уметничката програма ќе започне во 12 часот (точно на пладне) каде на сцената ќе дефилираат фолклорни ансамбли од цела Македонија, а завршната вечер ќе биде уште една силна музичка експлозија со настапи на домашни и гости оркестри кои ќе му “ја дувнат” како што само Пехчево знае.

Со секоја година, Фестивалот на дувачките оркестри во Пехчево се етаблира како еден од најзначајните настани во македонскиот културен календар. Тој е повеќе од музика – тоа е спој на љубов кон традицијата, гордост кон македонската културна сцена и вистинска прослава на животот.
Организаторите ги повикуваат сите љубители на добра музика, храна, природа и дружење – да му ја дувнеме повторно оваа година, од 11-ти до 13-ти јули во Пехчево!
Текстот го подготви: ПР тимот на Балкан Мјузик ТВ