Почетна > Македонија > Борче Наумовски – Министерот за естрада: Од скијачките патеки на Пелистер до голем концерт во Хераклеа (Фото)

Борче Наумовски – Министерот за естрада: Од скијачките патеки на Пелистер до голем концерт во Хераклеа (Фото)

///
Comments are Off

Популарниот македонски фолк пејач Борче Наумовски – Министерот за естрада, човекот кој со децении е дел од македонската музичка сцена, живее со полни гради – помеѓу музиката, природата и искрените емоции. Зимите за него се резервирани за скијање, а летата за риболов – двете најголеми хобија што му носат мир, тишина и баланс далеку од сценската бучава.

Скијањето е љубов која трае уште од најраните години. Како дете, уште од 6-годишна возраст, Борче се натпреварувал во „Цицибани“ во клубот Пелистер – Битола, каде што поминал речиси една деценија. На скии е од својата трета година, а патеките на Пелистер и Нижеполе, на само десетина километри од градот, биле негов втор дом.

Пејачот Борче Наумовски – Министерот на скијачка патека

„Битола е скијачки град и тоа е наша голема привилегија“, вели Наумовски, кој има скијано на бројни скијачки центри низ Европа, како и во Австралија, каде што живеел одреден период. Во летните месеци, пак, мирот го пронаоѓа покрај водите, со риболовот како форма на вистинска релаксација и одмор од музиката и сцената.

Пејачот Борче Наумовски – Министерот после одлично поминат ден на риболов

Покрај приватниот баланс, Борче Наумовски е исклучително активен и на музички план. Особено ја издвојува најновата песна „Моја љубов, моја судбина“, која беше премиерно изведена на минатогодишното издание на Роса фолк фест. Станува збор за љубовна балада со малку поинаков, помодерен израз, која отстапува од класичниот фолк стил.

„Искрено, многу очекувам од оваа песна. Јас сум презадоволен од сработеното“, вели Наумовски. Музиката и аранжманот се дело на Кирил Стојчевски, а текстот го потпишува Валентин Соклески, а песната е снимена во релативно краток временски рок. Круна на сè што следи е големиот јубилеен концерт, кој ќе се одржи на 22 јули 2026 година (среда), во величествениот Антички театар – Хераклеа во Битола, во рамки на „Бит-Фест“. Реализацијата и снимањето на концертот е договорено со најдобрите во Македонија, Арт Студио продукција и Балкан Мјузик телевизија.

Концертот ќе биде посветен на 30 години музичка кариера, а публиката ќе има можност да ги слушне сите песни што Борче Наумовски ги има отпеано низ годините. Настанот ќе биде збогатен со камерен оркестар, како и со поканети гости од македонската естрада, а се очекува присуство и на бројни медиуми и новинарски екипи. Хераклеа, со капацитет до 4.000 посетители, според Наумовски, има големи шанси да биде исполнета до последното место.

„Се надевам дека Господ ќе ни помогне и времето ќе биде на наша страна, бидејќи концертот е на отворено. Верувам во овој проект и во публиката“, порачува Министерот за естрада.

Концертот во јули во Битола ќе биде повеќе од концерт – ќе биде музичка исповед, јубилеј и славење на една трајна кариера.

Може да ви се допаѓа и
Хитови, рефрени и изненадувања: „На Здравје“ и оваа недела со музика што се пее на глас – старт 20 часот на Балкан Мјузик ТВ (Видео)
Музичкиот феномен Јаков Јозиновиќ го претставува новиот сингл „Ја волим“ (Фото+Видео)
Сеќавање на доајенот на македонската народна музика – Петранка Костадинова (Видео)
Поранешниот менаџер на Чолиќ – Адис Гојак ја напушти вилата по експлозијата на Дедиње