Почетна > Македонија > Да не се заборават…Кирил Манчевски

Да не се заборават…Кирил Манчевски

///
Comments are Off

Кирил Манчевски (Броштица, Дебарско 8 ноември 1935 – 8 август 1974) – еден од великаните на градската, лирска македонска народна песна.

Да живееш преку песните, тоа значи пејачите да се стремат да ги испеат песните на твој начин, со истата леснотија и елегија….и со истите воздишки кај слушателот. Искрен, скромен и со благородна душа…така го опишуваат оние кои го познавале пејачот Кирил Манчевски. Пуштете негова изведба на “Ајде сонце зајде”, ”Абер дојде Донке” или “Лино моме Севдалино”…и ќе бидете пренесени во некоја друга димензија. Ќе слушнете глас кој буди големи емоции и ќе ви стане јасно зошто го нарекуваат легенда на македонската народна песна. Неговиот неповторлив, лирски, мелозвучен и издржлив глас ќе ви ја пренесе магијата која некогаш ја имаше врз публиката, но и сега врз секого од нас. Во својот краток животен век ги има отпеано некои од најубавите народни, градски, печалбарски и други песни преку кои ги изразуваше своите музички чувства. Настапувал соло или во дует, најчесто со уште една наша музичка ѕвезда, Виолета Томовска. Со најразлични фолклорни ансамбли пред нашата но и светска публика, ги презентирал најубавите песни од богатата и непресушна македонска музичка ризница. За жал, тешката болест го спречува да има долга и богата музичка кариера која сигурно ќе беше благодет и за следните генерации. За среќа, денес имаме негови музички наследници кои знаат со истата музичка магија да ги пренесат македонските народни бисери. Само така ќе се зборува и прераскажува дека еднаш порано живееше Кирил Манчевски, пејачот со волшебен глас, пејачот со прерано пресечени крилја….