Почетна > Македонија > Да не се заборават…Петранка Костадинова

Да не се заборават…Петранка Костадинова

///
Comments are Off

Петранка Костадинова Дојчиновска (1948 год. Сомбор – 3 февруари 2002 год. Скопје), една од најпознатите естрадни уметници – интерпретатори на македонската народна и новокомпонирана песна.

Кога ќе се спомне песната “Кирјана”, во нашите мисли веднаш се појавува таа…стројна, насмеана жена која со леснотија во гласот ни ја подари оваа антологиска песна. И не само оваа, во својата долга и богата 35 – годишна музичка кариера, Петранка Костадинова ни подари уште многу песни со кои заслужено се најде во оние “бесмртните”, во оние кои сеуште живеат преку музиката…

Нејзината животна приказна започнува во Сомбор, Република Србија, каде е родена во семејство на бегалци од Егејска Македонија. Подоцна нејзиното семејство се сели во Демир Капија, а девојачките години ги минува во Неготино. Со помош на песната, нејзините патишта ќе продолжат кон Скопје каде го наоѓа својот животен сопатник и формира семејство. Кога станува збор за музичката кариера на Петранка, нејзината појава се поврзува со уште едно големо музичко име, Наско Џорлев. Таа за прв пат ги испеа неговите “Не кажувај либе добра ноќ” и “Во Струмица на улица”, нумери напишани во духот на народната староградска песна. Подоцна на нејзиниот репертоар ќе се најдат уште многу македонски народни бисер – песни како “Ја излези стара мајко”, “Едно малој моме”, “Трај душо трај”, “Кирјана”, како и оние новосоздадените “Мајсторе, мајсторе”, “Слушни ја сестро песната”, “Две калинки”, “Мајка”, “Леонид со мајка вечера” и уште многу други испеани на многуте музички фестивали…

Петранка Костадинова со својот топол глас, ненаметливо и скромно однесување, својата богата и долга музичка кариера ја помина како слободен уметник, за на крајот да се придружи кон Ансамблот за народни песни и игри “Танец”. Својата последна снимка на песна таа ја направи во МРТВ на 3 февруари 2002 година, песна со која требало на настапи на престојниот фестивал “Гоце фест”. Веднаш потоа нејзиниот живот завршува ненадејно, во сообраќајна несреќа во центарот на Скопје. Така прерано згаснува уште едно срце…на еден голем уметник, врвен интерпретатор, доајен на македонската народна песна, топла жена, сопруга, мајка, пријателка…и секогаш останува прашањето “ што се можеше понатаму”, во животот и музиката….