Судбо моја, судбино
судбо невернице
што си судбо ме однела
в земја непозната
сама да живеам, судбо
вечно да црнеам…
Ова се зборови од безвременската “Судбо моја судбино” која со посебна жар и нескриена болка ја пееше нашата бесценета Васка Илиева…зборови кои можеа да ги растреперат сите лисја на дрвјата…зборови кои поместуваа планини…зборови кои го затскриваа дури и сонцето, но сето тоа кога излегуваа дирекно од нејзиното срце. А тоа срце и покрај тоа што беше рането многупати во нејзиниот живот успеа да остане докрај целосно за да ги издржи сите бури и невремиња, за да може со својата песна да ги топли сите останати срца. А нив ги имаше многу, како овде кај нас така и надвор од нашите граници…секогаш желни за песни од родната грутка кои наша Васка Илиева ги редеше како бисери, најмногу патриотски, печалбарски, но и љубовни. “Земјо македонска”, “Имала мајка”, “Сестра кани брата на вечера”, “Нико меанџико”, “Кога падна на Пирина”, “Излегол Јане Сандански”, “Заплакало е Мариово”, “Абре воденичаре”, “Излегол Невен Пејо” и многу, многу други антологиски песни се дел од нејзиниот богат репертоар создаван во текот на нејзината 50 годишна музичка кариера. А во неа, над 800 песни снимени за Македонското радио, повеќе од 150 плочи и касети, од кои околу 70 се нејзино авторско дело. Некои од нив влегоа запишани во ризницата на Македонскиот фолклор како создадени од народот…
Со живот како за на филм, нашата Васка Илиева својата кариера како пејачка ја започнува во далечната 1950 година како солист во ансамблот за народни песни и игри “Танец”. Голема подршка за тоа има и од нејзиниот татко Тодор Велков Бошков, познат гајдаџија и еден од основачите на овој ансамбл. По некоја година поради недоразбирањата со одговорните на “Танец”, ги напушта и се вработува како солист во Радио Скопје. Таму поминува околу четири години и потоа решава сама да ја гради својата кариера. Поради својата популарност меѓу народот и глас кој освојува и се вовлекува под кожата, и било понудено да биде член во Здружението на слободни уметници во Белград. Таа прифаќа да биде дел од белградскиот ансамбл со кои работи 10 години и го достигнува врвот на својата популарност. Се нижат турнеи по Америка, Австралија, Европа, Русија, но најмногу ја исполнувале настапите кај Македонците кои живееле во пиринскиот и егејскиот дел од Македонија. Истовремено ретко кој може да се пофали дека во текот на кариерата пеел пред претседателите Тито и Черчил, пред кралицата Елизабета и познатата Марија Калас. Тука несомнено мора да ги споменеме и нејзините дуети со легендите на народната песна, Александар Сариевски и Никола Бадев, дуети кои при нивното слушање сеуште оставаат без здив…
“Песната многу ми даде, ама многу и ми зеде”- се нејзини зборови надоврзани со уште мноштво искрени приказни од болниот и живот. Непосредна, отворена и народна таа несомнено беше љубимица секаде каде што стапна и го распосла својот уникатен глас. Немањето среќа во приватниот живот, таа ја надополнуваше преку песната која и ги лечеше сите таги собрани во душата. И самата несебично ќе изјави дека и покрај се е многу среќна што животот го посветила на песната која ќе остане како аманет за следните наши генерации…
Денес изминуваат 19 години од смртта на Васка Илиева, запишана во нашата музичка историја како доајен на македонската народна песна и една од најпознатите македонски изведувачи на народна музика. Судбината ни ја зема на 4 мај 2001 година токму кога требала да замине на снимање по повод одбележувањето на смртта на славниот ни Гоце Делчев…оној Гоце за кого таа со полно срце и гордост нижеше песни, како за свое чедо….
“Македонија нема сфинги и палати, но нејзините песни и ора се нерушливите градби на нејзината вечност” – напиша етномузикологот Јосиф Чешмеџиев…и така нашата Васка Илиева се стопи со вечноста….(BalkanMusicTv)