Почетна > Македонија > Историски момент: По 35 години ПГП РТС повторно објави албум на македонски уметник – „Балкански жубор“ на Проф. д-р Јове Кекеновски (Фото)

Историски момент: По 35 години ПГП РТС повторно објави албум на македонски уметник – „Балкански жубор“ на Проф. д-р Јове Кекеновски (Фото)

///
Comments are Off

На свеченото затворање на третата фестивалска вечер на „Фестивалот на хармониките“ во Офицерскиот дом во Битола беше промовиран најновиот студиски албум „Балкански жубор“ на проф. д-р Јове Кекеновски, издаден од престижната музичка продукциска куќа „ПГП РТС“ од Белград. Промоцијата беше проследена со концерт на Кекеновски во придружба на музичката група „Фонтана“, при што публиката за првпат имаше можност во живо да го слушне целиот репертоар од новото издание.

Марко Милутиновиќ – одговорен уредник во ПГП РТС

На промоцијата присуствуваше Марко Милутиновиќ, одговорен уредник во „ПГП РТС“, кој истакна дека објавувањето на „Балкански жубор“ претставува значаен момент за нивната издавачка куќа, бидејќи по повеќе од три и пол децении повторно издава албум на уметник од Македонија. Тој нагласи дека Кекеновски, како светски првак на хармоника и докажан музички уметник, е вистински избор за обновување на оваа соработка и изрази надеж дека ќе следуваат нови заеднички проекти и нови македонски изведувачи во каталогот на ПГП РТС.

Маестро Јове Кекеновски – обраќање до присутната публика во Офицерскиот дом во Битола

Обраќајќи се пред присутните, проф. д-р Јове Кекеновски откри дека албумот е создаден по неговото враќање на хармониката за време на пандемијата, кога долгите часови вежбање резултирале со нов музички проект. Тој им се заблагодари на своето семејство за поддршката, на проф. Кирил Стојчевски за професионалната помош при подготовката на албумот, како и на групата „Фонтана“, која настапи заедно со него. Кекеновски истакна дека објавувањето на „Балкански жубор“ има пошироко значење од едно ново дискографско издание. Според него, станува збор за првпат од осамостојувањето на Македонија, една од најстарите и најреномирани музички продукции на Балканот – „ПГП РТС“ – да објави албум со инструментална музика на македонски автор и изведувач.

„Горд сум што токму мојот албум ја обнови соработката меѓу ПГП РТС и уметниците од Македонија. Верувам дека ова не е само признание за мојата работа, туку и поттик за новите генерации македонски музичари својата уметност да ја претстават пред регионалната публика. Музиката е универзален јазик кој ги поврзува луѓето и културите“, истакна Кекеновски.

Најновиот студиски албум на Маестро Јове Кекеновски

„Посебно сакам да истакнам дека не сум професионален музичар, туку универзитетски професор по правно-политички науки. Токму затоа, сите освоени светски признанија, награди, титули и реализирани музички проекти за мене имаат уште поголема тежина и претставуваат доказ дека љубовта, посветеноста и упорната работа можат да ги надминат границите на професионалните определби.

Во знак на искрена благодарност, сакам да им оддадам признание на Дамир Имери и Љупчо Бубе Соколовски за нивниот врвен аранжерски и продуцентски придонес, како и на сите извонредни музичари кои учествуваа во снимањето на албумот. Албумот беше снимен во периодот од јануари 2024 до март 2025 година во студиото „City Sound“ во Скопје, под продуцентската палка на Љупчо Соколовски и Дамир Имери, каде што беа реализирани снимањето, миксот и мастерингот. Благодарност упатувам и до Срѓан (PGP RTS) за дизајнот на омотот и до Миодраг Константинов за фотографиите, кои придонесоа албумот да добие своја препознатлива визуелна димензија“, додаде Кекеновски.

Директорот на „Фестивалот на хармониките“, Сашко Савевски, изрази задоволство што фестивалот годинава беше затворен токму со концертот и промоцијата на Кекеновски. Тој потсети дека на годинашното издание настапија тројца светски шампиони на хармоника и најави уште побогата програма за фестивалот во 2027 година, со учество на пет светски прваци.

Пред присутните се обрати и проф. Кирил Стојчевски, кој се потсети на својата прва средба со Кекеновски пред 35 години, кога како млад хармоникаш се воодушевувал на неговите настапи. Публиката дополнително ја воодушеви и младиот хармоникаш Димитриј Стојчевски, кој настапи во рамките на завршната фестивалска вечер. Модератор на промоцијата беше Тања Шикиќ, портпарол на Радио-телевизија Србија.

Димитриј Стојчевски – млад хармоникаш
Тања Шикиќ – водител на промоцијата и портпарол на ПГП РТС

По успешната битолска промоција, „Балкански жубор“ наскоро ќе биде претставен и пред српската публика. Благодарение на соработката меѓу „Фестивалот на хармониките“ и манифестацијата „Прва хармоника на Србија“, албумот ќе биде промовиран и во Сокобања, каде љубителите на хармониката ќе имаат можност во живо да ги слушнат композициите од ова значајно музичко издание, со што ќе продолжи новото поглавје во културната соработка меѓу ПГП РТС и македонските уметници.

Текстот го подготви: Иван Јосимовски

Фото: Балкан Мјузик телевизија

Може да ви се допаѓа и
Со голем музички спектакл во Хераклеа Борче Наумовски – Министерот ќе одбележи 30 години музичка кариера (Фото)
Македонски артист и продуцент меѓу 12-те најдобри во регионот (Видео+Фото)
Артист Бенд слави 5 години: Голем концерт, нова авторска песна и ново музичко поглавје (Фото+Видео)
Кога музиката ги обединува генерациите – незаборавен фестивалски викенд во Пехчево