Почетна > Арт Студио Продукција > „Кога пеам за нас“ – нов музички проект создаден со страст, пријателство и многу музичка љубов (Фото)

„Кога пеам за нас“ – нов музички проект создаден со страст, пријателство и многу музичка љубов (Фото)

///
Comments are Off

Македонската музичка сцена добива уште едно ново авторско дело кое зад себе носи години искуство, емоции и музичка посветеност. По песните „Дај уште една“, „Солзи од злато“, инструменталот „Димитрова чалгија“ и „Сакај ме“, сега следува и петтото дело за објавување – „Кога пеам за нас“.

Станува збор за проект во кој авторот Лазе Јанкуловски повторно се потпишува зад музиката и аранжманот, додека текстот е дело на познатиот текстописец Огнен Неделковски. Аудио продукцијата и овојпат е реализирана во Prosound Production во Прилеп, под водство на Славко Ристески.

Во создавањето на песната учествувале и врвни музичари и инструменталисти: Христијан Јованоски, Симе Настоски, Мирко Вретоски, Павле Јаневски, Рубин Димкоски и Димче Џагадуроски, кои со својот музички сензибилитет и идеи оставиле силен печат во проектот.

Спотот за песната започнал да се снима на 11 мај 2026 година во Меана “Лагадин”, каде со екипата на музичката телевизија Балкан Мјузик, танчерката Мери Саитовска и уште петнаесетина пријатели бил доловен автентичен кафански амбиент. Дел од сценариото било осмислено заедно со еден од најдобрите – продуцентот Дејан Ѓоргиев од Арт Студио продукција. Романтичниот дел од приказната продолжил на кејот покрај Охридско Езеро, на патеката над вода кај стариот хотел Палас, како и на плажата во рамките на Холидеј М. Таму биле снимени кадри што ја следат емотивната приказна на песната, со романтични сцени кои визуелно ја доловуваат атмосферата на текстот.

„Соработката беше на високо ниво бидејќи сите што учествуваа покажаа умешност, расположение, енергија и професионализам“, вели авторот Лазе, кој не ја крие благодарноста кон сите пријатели, колеги и соработници што биле дел од снимањето кое траело цел ден.

Тој открива дека музиката за него е процес што трае со години:

„Во еден момент од сите тие ритмички, хармонски и солистички линии што си ги полнел во мозокот низ годините, се случува експлозија на комбинации и импровизации… и тогаш се пали сијаличката во главата дека си некој што знае да создава музика“.

Неговата авторска приказна започнала уште пред околу 15 години, кога идеите и мелодиите што ги слушал во себе почнал да ги снима и развива во песни. Денес, како што самиот вели, има доволно материјал за најмалку два албума, а во иднина не ја исклучува можноста да создава музика и за други изведувачи.

„Од тука ја креирам првичната верзија во студио со Славко, па го барам Огнен за текст, потоа го смислувам аранжманот и ги повикувам колегите музичари да го отсвират својот дел. Така се раѓа песната“, открива авторот и додава: „Полека, не се брзаме никаде“, порачува тој, најавувајќи нови проекти, можни дуети, концерти и настапи и надвор од Македонија.

Со „Кога пеам за нас“, публиката повторно ќе има можност да слушне искрена музичка приказна создадена од човек кој живее за музиката – на сцена, во студио и во секоја нота што ја создава.

Текстот го подготви: Иван Јосимовски

Може да ви се допаѓа и
Неделна музичка дружба со „На Здравје“ – добра песна, весела атмосфера и многу емоции (Видео)
Darkoff со современ и емотивен музички проект (Видео)
Борче Наумовски – Министерот сними видеоспот за најновата „Моја љубов, моја судбина“ – емотивна приказна за вечната љубов (Фото)
Нова надеж за македонската музика – Македонија се враќа на Евросонг