Почетна > Македонија > Со многу емоции, песна и музика заврши концертот посветен и во чест на Маестро Милан Завков

Со многу емоции, песна и музика заврши концертот посветен и во чест на Маестро Милан Завков

///
Comments are Off

Со силни емоции, аплаузи и длабока почит, во петокот (27-ми март 2026) во Македонска филхармонија се одржа концертот „Миланова игра“ – вечер посветена на еден од најзначајните творци на македонската народна музика, Милан Завков.

Концертот беше повеќе од музички настан – беше интимно патување низ богатото творештво на човекот чие дело брои над 800 композиции и аранжмани. Завков, кој остави неизбришлива трага како првенец на Ансамбл Танец и долгогодишен раководител на неговиот оркестар, и по неговото ненадејно заминување во 2023 година, продолжува да живее преку својата музика. За оваа специјална пригода беше формиран камерен оркестар под диригентската палка на Дијана Имери-Илкоска, а композициите на Завков добија нова, современа звучна димензија преку аранжманите на Дамир Имери и Дарко Илиевски.

На сцената се редеа имиња кои со децении ја градат македонската музичка традиција – Виолета ТомовскаНаум ПетрескиСузана СпасовскаЗуица Лазова, како и дуото Горан и Ленче Кукиќ. Инструменталниот дел внесе дополнителна суптилност со настапите на Катарина Броња и Дино Имери.

Публиката со особено внимание и носталгија ги следеше безвременските хитови како „Заиграј со мене“„Камен да беше срцето“„Нема друга Македонија“ и „Лична Јовано“ – композиции што одамна ја надминаа сцената и станаа дел од колективната меморија.

Кулминацијата на вечерта дојде во самиот финиш, кога Сузана Спасовска ја повика на сцената Виолета Томовска, а сите изведувачи заедно ја отпеаја „Ај засвирете млади момчиња“ – емотивен момент посветен на нејзиниот 81-ви роденден. Салата одекнуваше од аплаузи, додека публиката стоечки им оддаваше почит.

Низ зборовите на водителката Ирена Спировска, публиката се потсети и на почетоците на Завков – од првите акорди на хармоника на осумгодишна возраст, до членството во „Млад Танец“ под водство на Ѓорѓи Димчевски, и неговото музичко оформување во КУД „Мирче Ацев“. Иако формално образован како контрабасист на Факултетот за музичка уметност, неговата вистинска љубов – хармониката – го издигна меѓу најдобрите инструменталисти на овие простори. Со децении творење, настапи и соработки, меѓу кои и со „Македонски мерак“, Завков создаде музичка ризница што ќе продолжи да инспирира генерации.

Концертот, во организација на Баги комуникации, не беше само потсетник на минатото – туку и силна потврда дека вистинската музика никогаш не заминува.

Текстот го подготви: Иван Јосимовски

Фото: Стефан Рајхл

Може да ви се допаѓа и
По успехот на „Чекор“, Darkoff ја претстави новата песна „Под ова небо“ (Видео)
Два дена без сон – Пехчево повторно ќе живее во ритамот на најголемиот фестивал на дувачки оркестри (Фото)
Со спектакуларна промоција на два нови музички проекти Маестро Александар Ицов одбележа 10 години музичка кариера (Фото+Видео)
Замина еден од најголемите македонски музичари – Почина Владо Јаневски