Со новиот музички проект кој ветува многу, струмичанката која веќе неколку децении живее во Соединетите Американски Држави, Жаклина Маркоски, ја промовира својата најнова песна „Најсреќна“, проследена со впечатлив видеоспот снимен на неколку автентични локации низ Македонија.
Автор на музиката и аранжманот е Николчe Мицевски, додека текстот го потпишува Борче Нечовски. Видеото е реализирано во соработка со ZAGA продукција, а аудио-снимката е направена во студиото LX Момировски во Скопје.
Дел од кадрите за видеоспотот се снимени во селото Цапари, во манастирот „Света Петка“, додека останатите сцени се доловени во Стење и Отешево, покрај живописното Преспанско Езеро.
„Најсреќна“ е љубовна, весела и заразно певлива песна, која носи позитивна енергија и буди искрени, топли емоции кај слушателите. Жаклина Маркоски во моментов е активно ангажирана со настапи на концерти, забави, свадби и веридби низ САД и Канада.

Во пресрет на Велигден, таа најавува и голем концерт во Њу Џерси, кој ќе се одржи во салата на македонската црква „Св. Кирил и Методиј“.
„Оваа песна ми е особено драга, бидејќи носи радост и љубов – токму она што ни треба на сите. Снимањето на видеото беше прекрасно искуство, особено затоа што работевме на толку убави локации низ Македонија. Публиката во Америка и Канада ми дава огромна поддршка, што ми е дополнителен мотив да продолжам со нови проекти. Се надевам дека летово ќе се вратам во Македонија и ќе снимам уште нови песни за мојата публика“, изјави Жаклина.
Со ова издание, познатата пејачка продолжува да го гради својот музички пат, носејќи свежа енергија и искрена емоција на домашната и сцената во дијаспората.
А, сега уживајте во нејзината најнова песна “Најсреќна”






