Почетна > Арт Студио Продукција > 30 години „Биоритам“: Нови снимања, нов вокал и концертна година во најава (Фото)

30 години „Биоритам“: Нови снимања, нов вокал и концертна година во најава (Фото)

///
Comments are Off

Со серија нови студиски снимања, култниот македонски бенд „Биоритам“ официјално ја завршува 2025-та година и ќе ја започне Новата 2026-та – година посветена на одбележување на 30 години постоење и континуирана музичка активност. Причината за снимањата е двојна – медиумско претставување на бендот, но и официјално претставување на новиот член и вокален солист, Александар Мисковски – Терца, кој во наредниот период ќе настапува со „Биоритам“.

Снимањето се одвиваше во Балкан Мјузик телевизија, а соработката воопшто не е случајна. Како што истакнуваат самите членови на бендот, станува збор за телевизија и продукција во која имаат целосна доверба, а дополнителна улога во одлуката одиграло и долгогодишното пријателство со сопственикот Дејан Горгиев, што уште повеќе ја зацврстува оваа креативна соработка.

Изборот на репертоарот е резултат на заедничка одлука на сите членови на бендот, иако, како што со доза на искреност признава најстариот член Никола Јованов – Коки, неговото искуство можеби имало најголемо влијание во процесот. Снимениот материјал опфаќа песни од авторскиот опус на „Биоритам“ низ годините, како и сплет од ора и чочек ритми кои бендот редовно ги изведува на семејни и свечени настани. Овие снимања претставуваат симболичен почеток на јубилејната година, но и вовед во низа нови проекти. Во текот на наредните месеци се планираат уште многу нови нумери, преку кои „Биоритам“ ќе направи музичко патување наназад – низ сопствената историја, звук и препознатлив стил.

Круна на одбележувањето на јубилејот треба да биде голем концерт „30 години БИОРИТАМ“, кој, доколку условите дозволат, е планиран за октомври 2026-та година.

Што се однесува до предновогодишните настапи, од бендот појаснуваат дека „Биоритам“ ретко настапува во комплетен состав во овој период. Дополнително, поради моменталната транзиција без постојан пејач и веќе претходно договорените обврски на Александар Мисковски – Терца, бендот како целина нема да настапува на предновогодишни настани.

Во моментов, актуелниот состав на бендот „Биоритам“ е составен од следните членови:

  • Никола Јованов – кларинет и саксофон
  • Ангел Митовски – хармоника и клавијатури
  • Игор Христов – клавијатури
  • Сашко Костовски – удирачки инструменти
  • Диме Танцев – труба
  • Александар Мисковски – Терца – вокал

Со нова енергија, освежен вокал и силна почит кон сопственото музичко наследство, бендот „Биоритам“ влегува во јубилејната година подготвен да ја раскаже својата приказна – уште еднаш, но со истата страст што трае веќе три децении.

Текстот го подготви: Иван Јосимовски

Може да ви се допаѓа и
Исповед што ја потресе естрадата: Гоце Димовски проговори за неправдите по 35 години кариера (Фото)
Дали Гоце Димовски се повлекува од музиката? Одлука што ја потресе македонската музичка јавност (Фото)
Давор Јордановски најавува модерно издание на Интернационалната вечер на „Охрид Фест 2026“: „Не ги копираме светските трендови“
Македонскиот виртуоз Јове Кекеновски дел од жирито на меѓународниот и престижен фестивал „Прва хармоника на Србија“ (Фото+Видео)