Почетна > Македонија > Професор, научник и виртуоз — Македонија доби светски првак на хармоника на престижниот „Trophée Mondial 2025“ (Фото)

Професор, научник и виртуоз — Македонија доби светски првак на хармоника на престижниот „Trophée Mondial 2025“ (Фото)

///
Comments are Off

Од 25 до 30 ноември 2025 година, во Монтарже, Франција, по 75-ти пат се одржа едно од најпрестижните светски натпреварувања за хармоника – „Trophée Mondial de l’Accordéon“, во организација на Светската конфедерација на акордeонисти (Confédération Mondiale de l’Accordéon – CMA), основана во 1951 година. Овој врвен музички настан обединува повеќе од 60 држави и е највисока референтна точка за хармоникашите ширум светот.

Иако Република Македонија сè уште нема официјален претставник во оваа асоцијација, годинава за првпат имаше учесник – проф. д-р Јове Кекеновски, кој со својот успех ја постави Македонија на светската мапа и отвори можност нашата држава од следната година конечно да стане полноправна членка на CMA.

Trophée Mondial годинава се одржуваше во три делови:

  • Национални избори (март-јули 2025)

Во земјите-членки на CMA и партнерските фестивали се одржаа квалификации за најдобрите изведувачи.

  • On-line Светски трофеј (8 октомври 2025)

Во онлајн категориите учествуваа кандидати од целиот свет. Проф. Кекеновски победи во категоријата 13Б (60–80 години), освојувајќи 22.30 од можни 25 поени, што беше една од највисоките оценки во ова издание.

  • OFF-line Светски трофеј (25–30 ноември 2025, Монтарже)

Во големото финале со физичко присуство, пред меѓународно жири и публика, македонскиот музичар повторно триумфира – Светски првак во OFFLine International Open Trophy – CMA 2025, со блескави 24.10 од можни 25 поени. Овој успех претставува историски момент за Македонија – прв пат наш претставник се котира како официјален светски шампион на Trophée Mondial.

Професорот Кекеновски настапи со разновиден и исклучително технички сложен репертоар, вклучувајќи:

  • Македонски народни бисери:
    • „Се посврши Сербез Донка“ и
    • „Со маки сум се родил јас“
  • Украинско-руска варијација,
  • Негови сопствени композиции:
    „Балкански жубор“, „Симфониско оро“, „Хроматско оро“, „Мартиново оро“ и „Виртуозна 11/8“
  • Италијански валцер „Elettrico“,
  • Романската композиција „Hora Martisorului“ и
  • „Играорна фантазија“ од легендата Кочо Петровски (5/8).

Публиката и жирито, кое броеше по најмалку 16 членови во секоја категорија, стоечки го испратија неговиот настап. Особено внимание предизвика фактот дека на 63-годишна возраст Кекеновски демонстрира извонредна техника, прецизност и музичка емоција – нешто што ретко се гледа дури и кај професионални хармоникаши.

На патот кон успехот стоеше тим од докажани музички имиња:

  • Маестро Кирил Стојчевски – кој во оваа прилика подготви аранжмани на неколку нумери,
  • Маестро Горан Алачки – кој што беше менторска поддршка, даваше технички совети, емоционална интерпретација и помагаше при надминување на тремата и
  • Трајче Илиевски (снимател) и Соња Дојчиновска (новинар) – кои го документираа целиот настан за претстојната ТВ репортажа.

Она што најмногу ги воодушеви учесниците и жирито е биографијата на Кекеновски – редок спој на универзитетски професор и врвен музички виртуоз. Иако по професија е професор по политички науки и уставно право, уште од мали нозе свири хармоника и важи за еден од најголемите виртуози на просторите на поранешна Југославија.

Од досегашните музички достигнувања, Професорот Јове Кекеновски може слободно да се пофали со досегашните музички достигнувања и тоа:

  • Трикратен вицешампион на „Прва хармоника на Југославија“ (1981, 1985, 1986),
  • Три трети места (1982, 1983, 1984),
  • Над 50 авторски инструментални композиции снимени за МРТ и други ТВ станици,
  • Две солистички касети издадени од Југотон и МРТ,
  • Четири ЦД изданија преку „Сенатор“ и „Сезам“,
  • Ново ЦД „Балкански жубор“ – во издание на ПГП РТС најголемата продукција на Балканот,
  • Член на жири комисии на фестивали во БиХ, Србија и Македонија.

Интересно е што од 1992 до 2000 година тој целосно се повлече од музичката сцена. За време на пандемијата повторно се враќа кон својата прва љубов – хармониката, создава нови виртуозни композиции и започнува интензивно вежбање, што резултира со историски успех.

„Сакав да покажам дека не сум “обичен” хармоникаш, туку уметник кој го издигнал хобито на највисоко професионално ниво“, вели Кекеновски. Посебно емотивна е неговата изјава дека верува оти неговиот покоен родител „негде од небото го гледа ова постигнување“, знаејќи дека токму првото место во Југославија отсекогаш било недостигнат сон.

Со двојната победа на онлајн и офлајн Светскиот трофеј, проф. д-р Јове Кекеновски стана еден од најзначајните македонски претставници во светската музика во 2025 година.

Овој успех не е само лична победа, туку и огромен чекор за афирмација на Македонија во една елитна глобална асоцијација, каде нашата држава веќе од следната година може да добие официјален претставник.

Честитки!

Текстот го подготви: Иван Јосимовски

Може да ви се допаѓа и
Македонски дух, топла атмосфера и врвна продукција: „Седенка 2“ – нов музичко-визуелен бисер од Класико бенд (Фото)
Стојне Николова со нова емотивна балада: „Душа скршена“ – песна што допира до срцето (Фото)
Анета Љумаковска и „Анета Бенд“: Година исполнета со нови проекти, премиери и музичка магија (Фото)
Познатиот македонски фолк пејач Орде Неделковски со нова песна: „Жено неверна“ – современ звук со силна емоција (Фото)