Почетна > Арт Студио Продукција > Нова патриотска ера: Лени Партикова го промовираше видеоспотот за моќната и емотивна „Горда сум Македонка“ (Фото+Видео)

Нова патриотска ера: Лени Партикова го промовираше видеоспотот за моќната и емотивна „Горда сум Македонка“ (Фото+Видео)

///
Comments are Off

Пред неколку дена познатата македонска фолк пејачка Лени Партикова го промовираше својот најнов видеоспот за песната „Горда сум Македонка“, која воедно е и насловна нумера на нејзиниот претстоен шести студиски албум. Албумот со 15 композиции и претставува вистинска прослава на македонскиот корен, традиција и духовност, создаден како ода на сето она што ја обликува нашата национална душа.

Новата песна е резултат на голема емоција, посветеност и лична инспирација. Музиката и аранжманот ги потпишува студиото „Анастасија“ на Љупчо Павловски, додека текстот е дело на самата Лени. Во нумерата учествуваат и врвни инструменталисти, меѓу кои се издвојува маестралниот Џељо Дестановски, кој со звуците на зурлата на песната ѝ внесува автентичен македонски дух и препознатлива емоција.

Песната премиерно беше изведена на „Лешочкиот фолк фест 2025“, каде на сцената настапија Играорците од КУД „Шара“, придружени од Бобан Илијевски (зурла), Перица Симоновски и Жарко Ѓорѓески (тапани) – сопругот и долгогодишен музички соработник на Лени.

Видеоспотот за „Горда сум Македонка“, во продукција на Арт продукција и под режисерската палка на Дејан Ѓеорѓиев, претставува вистински визуелен бисер. Снимен е на автентични локации во селото Стенче, во подножјето на планината Сува Гора – регион чии калдрми, камени куќи и чардаци ја носат вековната приказна на Полошкиот крај.

Лени упатува голема благодарност до Војо Михајловски, кој го отвори својот традиционален дом – куќа-музеј во стар македонски стил – како и до фамилијата Гроздановски, кои обезбедија оригинална носија од Горни Полог што дополнително ја збогати визуелната автентичност на спотот.

Секој детал таму зборува за нашата историја. Сакав да покажам дека македонската убавина не е само во песната, туку и во природата, во народната носија, во секој камен и секој орнамент“, изјави Лени за Балкан Мјузик телевизија.

Во реализацијата на видеото учествуваше цел творечки тим: Снеже Ефковска, Нада Симовска, Динка Наумоска, Иванка Ѓорѓеска (фризура), Даниел Несторовски (тапан), Џељо Дестановски (зурла), како и играорците од КУД „Шара“. Лени упатува искрена благодарност и до своите родители и сопругот Жарко за постојаната поддршка, љубов и инспирација.

Со „Горда сум Македонка“, Лени ја отвора новата патриотска етапа од својата кариера. Таа веќе најавува уште три нови песни, нови видеозаписи, концерти и изненадувања кои ќе ја продолжат оваа силна, емоционална и национално-обоена музичка приказна.

Текстот го подготви: Иван Јосимовски

Може да ви се допаѓа и
Белград ќе „гори“ по македонски: Фантастик Бенд МК со незаборавна музичка, емотивна и спектакуларна вечер во Домот на војската (Фото)
Уште една весела неделна македонска ноќ: Македонски ритам, добро друштво и полни чаши – време е за „На Здравје“ (Видео)
Ѓоковиќ центар на вниманието во Атина: Ноле игра сиртаки со познатиот грчки пејач Константинос Аргирос (Видео)
Македонската фолк сцена во тага: Почина фолк пејачката Бади Бекир