Почетна > Македонија > Три децении традиција: „Охрид фест“ по 32-ри пат повторно центар на музичкиот свет (Фото)

Три децении традиција: „Охрид фест“ по 32-ри пат повторно центар на музичкиот свет (Фото)

///
Comments are Off

Најубавата летна сцена во Македонија, „Долни Сарај“ во Охрид, и оваа година ќе биде домаќин на едно од најпрестижните музички случувања во регионот – „Охрид фест – Охридски трубадури 2025“, фестивал кој веќе 32 години успева да ја обедини музиката, културата и туризмот во едно незаборавно доживување.

Фестивалот ќе се одржи на 29-ти и 30-ти август, со директен пренос на ТВ Алфа – новиот стратешки медиумски партнер, кој заедно со уште неколку регионални телевизии ќе придонесе за уште поголема видливост на настанот и во регионот и во дијаспората.

Настанот традиционално ќе започне со петминутна разгледница за Охрид, која ја претставува убавината на Балканот и магијата на охридското езеро.

„Охрид фест“ одамна не е само музички настан, туку платформа за млади таленти, признание за големите имиња и вистинска алатка за промоција на македонскиот туризам“, истакна уметничкиот директор Григор Копров.

Првата вечер – Фолк вечерта (29 август) – ќе донесе настапи на врвни македонски фолк изведувачи, додека втората, Интернационалната вечер (30 август), ќе ја збогати охридската сцена со ѕвезди од Македонија и Балканот. Меѓу нив се Сузана Спасовска, Бојана Скендеровски, Сашо Гигов – Гиш, Ана Петановска, Нино Величковски, Благоја Грујовски, Бојан Маровиќ, како и српскиот евровизиски претставник Принц од Врање.

Посебно внимание предизвикува најавата за специјалниот гостин – легендарниот Оливер Мандиќ, чиј настап ќе ја заокружи магијата на фестивалот и ќе го зголеми неговото културно значење.

По повеќе од три децении постоење, „Охрид фест“ останува културна мисија, сцена каде што се спојуваат генерации и се создаваат нови музички приказни. Охрид повторно ќе пее – а целиот Балкан ќе слуша.

Текстот го подготви: Иван Јосимовски

Може да ви се допаѓа и
Нова патриотска ера: Лени Партикова го промовираше видеоспотот за моќната и емотивна „Горда сум Македонка“ (Фото+Видео)
Белград ќе „гори“ по македонски: Фантастик Бенд МК со незаборавна музичка, емотивна и спектакуларна вечер во Домот на војската (Фото)
Уште една весела неделна македонска ноќ: Македонски ритам, добро друштво и полни чаши – време е за „На Здравје“ (Видео)
Ѓоковиќ центар на вниманието во Атина: Ноле игра сиртаки со познатиот грчки пејач Константинос Аргирос (Видео)