Познатата хрватска пејачка Габи Новак, еден од најпрепознатливите гласови на поранешната југословенска музичка сцена, почина на 90-годишна возраст. Со нејзината смрт згасна и еден дел од елегантната и романтична музичка ера која ја одбележа со џез, свинг, француска шансона и поп.
Новак, родена на 8 јули 1936 година во Берлин, беше ќерка на Ѓуро Новак од Хвар и Германката Елизабет Рајман. Детството ѝ минало помеѓу Берлин и Хвар, за на крај да се насели во Загреб. Таму дипломирала на Факултетот за применети уметности – графички смер, а својата уметничка кариера ја започнала како илустратор во „Загреб Филм“.
Нејзиниот музички пат започнал во 1958 година во Љубљана, настапувајќи со ревискиот оркестар на Бојан Адамич. Веќе во 1960-тите, Габи Новак станала икона на фестивалите „Загребски фестивал“, „Мелодии на Јадранот“ и „Белградска пролет“. Со својот топол, интимен глас и рафинирана интерпретација, таа изградила опус што комбинира поп-сензибилитет со џез-софистицираност, освојувајќи и публика и критика.
Нејзиниот личен живот беше исполнет со љубов, но и со тешки загуби. Со легендарниот кантавтор Арсен Дедиќ беше во брак повеќе од четири децении, сè до неговата смрт во 2015 година. На почетокот на јуни оваа година, Габи ја погоди и трагичната загуба на нивниот син, пијанистот Матија Дедиќ, кој почина на 52-годишна возраст.
Заминувањето на Габи Новак означува крај на едно музичко поглавје што останува врежано во колективната меморија на регионот – поглавје на стил, емоција и безвременска музика.
Текстот го подготви: ПР тимот на Балкан Мјузик ТВ