Почетна > Арт Студио Продукција > „Марифет“ со спектакуларен концерт во Прилеп го одбележа 10 годишниот јубилеј (Фото)

„Марифет“ со спектакуларен концерт во Прилеп го одбележа 10 годишниот јубилеј (Фото)

///
Comments are Off

Со јасно поставени цели, недвосмислена визија и континуирана работа, музичката група „Марифет“ успеа да создаде настан од ретка вредност на македонската сцена – јубилеен концерт по повод 10 години постоење на македонската музичка сцена кој се одржа во Прилеп и кој ќе остане врежан во меморијата на сите присутни. Во атмосфера полна со емоции, виртуозни изведби и искрена комуникација со публиката, „Марифет“ уште еднаш потврди зошто важи за еден од најавтентичните и најпосветените состави кај нас.

„Имавме јасна цел и стратегија од самиот почеток – и никогаш не отстапивме од нив“, велат од бендот.

Таа посветеност ја прави нивната приказна посебна: од кавери кои ја погодуваат емоцијата на народот, до авторски песни и традиционални ора со современ израз, како „Марифет Елено“, веќе документирани и преточени во видеозаписи. Нивниот состав е речиси непроменет со години, освен мали корекции во првите две години од формирањето – што дополнително зборува за стабилноста и зрелоста на групата. Следеше процес на афирмација кој денес дава плодови.

Членови на составот „Марифет“ се: Христијан Ангелкоски – вокал, Кире Гаралоски – бас гитара, Пеце Христоски – клавијатури, Тоде Илиоски – гитара, Димче Џагадуроски – тапани и Христијан Стојчески – кларинет/саксофон.

Концертот беше дополнително збогатен со настапи на звучни музички имиња кои со ентузијазам ја прифатија поканата да бидат дел од музичкиот роденден на „Марифет“. Без посебен редослед, списокот ги вклучи: Ламбе Алабакоски, Полина Тасева, Игор Илиевски, Дејан Николоски – Чуле и Наташа Седлоска. Дополнителен колорит и длабочина на звукот донесоа и гостите-инструменталисти: String Ladies – жичени инструменти, Љупчо Недановски – хармоника, Дарко Аврамоски – перкусии, Катерина Попоска – придружен вокал, Игор Илиевски – перкусии и придружен вокал, Гоце Димоски – кавал, Игор Милевски – виолина и Андријана Дукоска – виолончело.

Концертот беше професионално снимен и реализиран од страна на најдобрите – Art Studio Production во соработка со музичката телевизија Balkan Music TV, на кои „Марифет“ искрено им се заблагодарува за целосниот ангажман и посветеност. Квалитетната видео и аудио обработка ќе овозможат концертот да допре и до оние кои не можеа да присуствуваат, а воедно да биде и значаен спомен за идните генерации на музичари и љубители.

Иако впечатоците од концертот сè уште траат, „Марифет“ не застанува. Следна фаза е настапување низ цела Македонија, со посебен фокус на Скопје и Охрид. Паралелно продолжува и продукцијата на нови авторски песни и ора, видео-соработки, кавер проекти и нови колаборации со вокални изведувачи – сето тоа насочено кон уште поголема афирмација на нивниот бренд на македонската и регионалната сцена.

„Нашата најголема среќа е кога ја чувствуваме позитивната енергија од публиката. Тогаш знаеме дека сме на вистинскиот пат. Тоа ни дава сила да создаваме нови моменти – заедно“, порачуваат од „Марифет“.

Концертот ексклузивно и премиерно ќе го погледнете наскоро само на музичката телевизија Balkan Music TV.

Текстот го подготви: ПР тимот на Балкан Мјузик ТВ

Може да ви се допаѓа и
„Земјо Македонска“ одекна како финале на уште една музичка „На Здравје“ фешта
Со македонска музика и познати балкански ѕвезди, Прилеп повторно ќе го слави летото со вкусна скара, одличен звук и полна душа
Тајзи, Либеро Бенд, Марија Шерифовиќ – дел од „Тиквешки Гроздобер 2025“ (Фото)
Музика, емоции и семејна топлина во новото издание на „На Здравје“ на Балкан Мјузик Телевизија (Видео)