Во неделата што измина, гледачите повторно имаа привилегија да бидат дел од најгледаната музичка емисија на Балкан Мјузик телевизија – „На Здравје“, емисија која со секое свое ново издание потврдува зошто е лидер на музичката сцена кај нас и пошироко. Оваа епизода нè поведе на емоционално патување низ македонската музика, во духот на викендот, со уметници кои не само што пленат со талент, туку и со искрена љубов кон публиката.
Младата и секогаш шармантна Сандра Милковска ја отвори емисијата со песната „Заветна“ – емоционално, длабоко и со интерпретација која допре до секое срце. Таа постави високо уметничко ниво за она што следеше.
Како и секогаш, домаќините група Круна и харизматичниот Орде Неделковски беа вистински водичи низ вечерта, полна музички бисери. Следен настап имаше Александар Талевски, кој со „Оган да го гори“ ја продолжи патеката на македонските класици, пеејќи ја со страст и енергија.
Вукица Челебиева внесе доза на емотивна болка со љубовната „Проклет да биде“, а потоа Дејан Николовски – Чуле беспрекорно ја изведе „Дајте ми ја“, која публиката ја прими со топол аплауз. Старата добра народна песна „Севдалино малој моме“ доби нов живот преку интерпретацијата на Ѓорѓи Поцков, кој ја отпеа со автентична душа и традиционален сензибилитет. Лени Партикова, пак, остана доследна на својот препознатлив стил, со динамична и женствена изведба на „Мораш душо да ме разбереш“.
Еден од најемотивните моменти на вечерта беше изведбата на Ристе Гавровски со песната „За Милица“, која заедно со група Круна ја донесе со толкава длабочина што не остави никого рамнодушен. Продолживме со прекрасната Марија Божиновска, која ни ја подари баладата „Чекај животе“ – песна што според многумина расплакала илјадници срца.
Катерина Брезева од групата Соната уште еднаш блесна со својата технички совршена и емоционално прецизна изведба на „Око мое“. Следеше топол летен момент со Арена Бенд, кои пееја за љубовта и разделбата преку нивната песна со летен шмек.
Атмосферата кулминираше кога група Круна и Орде Неделковски ја изведоа веселата „Мангупче“, која буквално ги крена сите присутни на нозе. Финалниот број, „Место не ме држи брате“, изведен во колаборација од Марјан Коцев, Чуле и Ристе Гавровски со поддршка од Круна, беше вистински шлаг на тортата – разиграно, енергично и весело.
Оваа епизода од „На Здравје“ не беше само уште една епизода – таа беше музички мозаик на емоции, традиција и талент, кој нè потсети колку вреди да се негува македонската музика. Следното издание веќе е најавено за 22 јуни, и ако се суди по она што го видовме, сигурно нè очекува уште една вечер полна музички магии.
До тогаш, слушајте убава македонска музика – и нека е на здравје!
Текстот го подготви: ПР тимот на Балкан Мјузик ТВ