Тој е познат македонски фолк пејач. Доаѓа од Битола, но веќе долги години наназад живее и работи во далечната Австралија. Доколку би го спомнале Николче Симоновски никогаш не би ви текнало за кого и со кого денес ќе разговараме, но кога би ви го спомнале Јошката од Битола, веруваме дека многумина ќе знаат за кого станува збор. Почитувани читатели, рубриката Balkan Music Interview ја стартуваме токму со него, а што кажа за себе, својот живот, за Битола и Македонија и за животот во Австралија и што одговори на нашите прашања, прочитајте во продолжение.
Balkan Music: Долги години си познат кај македонската публика, но и кај сите оние кои те почитуваат и сакаат да те слушаат како пееш македонски народни и новосоздадени познати песни. Иако многумина знаат, сепак, кој е Николче Јошката? Од каде ни доаѓаш и од каде инспирацијата и желбата да се занимаваш со музика?
Николче Јошката : Јас сум Николче Симоновски, помеѓу народот познат како Јошката (надимакот доаѓа од мојот татко кој Јоше кој предвреме не напушти). Роден сум во Битола, а израснат во најубавата населба во Битола, Јени Маале од каде што потекнуваат Јонче Христовски, Виолета Томовска… Па можеби и од таму имам некоја жичка за пеењето (се смее). Идејата да пеам ја добив на патроните празници на основното училиште „Даме Груев“ во Битола. Па 1993-та/94-та започнав со музиката. Тогаш не сакав ниту во средно училиште да одам (се смее). Инаку, мојот дедо бил гајдаџија, добро пеел, но не професионално.
Balkan Music: Тука во Македонија беше еден од популарните и познати македонски пејачи. Зошто и која беше причината да го спаковаш куферот и да заминеш во далечната за нас Австралија?
Николче Јошката: Да, во Македонија котирав доста високо, поточно во Битола. Да бидам искрен јас сум многу емотивно врзан за Битола. Но бидејќи имам навистина пребукиран распоред немав време да помислам за други ангажмани. До душа, пеев на фамилијарни веселби низ цела Македонија, но клубските свирки ми беа најчесто во Битола и сите знаат каде што јас настапував без разлика кој ден е во неделата и не пишувам само за викендите туку у за обичен работен ден, беше навистина преполно. Немаше матурска вечер да започне без мене и моја песна. Пеев во најдобрите и најелитни клубови во Битола.
А зошто заминав од Битола?!
Во неколку наврати кога немав свирки и кога редовно не настапував заминував некаде на турнеја. Прва турнеја ми беше во 1996-та година во Германија и веднаш после тоа гостував насекаде низ светот. Австралија ми беше дооолго на тапет и по многуте обиди за да гостувам таму (тогаш се вадеа визи во Белград, Австралиска амбасада) и многу тешко се добиваа визи посебно оние кои немаа одслужено воен рок. После завршувањето на воениот рок, повторно стапив во контакт со Австралиската амбасада. И така, за прв пат во 2009-та година добив виза и дојдов во Австралија, но само како естраден уметник без помисла дека некогаш воопшто ќе се преселам тука. После неколку гостувања тука низ Австралија, на последното доаѓање ја запознав мојата сегашна сопруга и животот од нигде никаде ме донесе тука. Тука сум веќе 6-7 години каде што живеам и ги забавувам „кенгурите“ (се смее).
Balkan Music: Многумина велат дека животот во далечина е многу тежок. Дали Јошката досега го има фатено носталија за Македонија и дали досега посакал да се врати во својата родна куќа во Битола?
Николче Јошката: Па да бидам најискрен, навистина е далечна Австралија и сите тоа го коментираат. Стојам и јас зад тоа, но кога се сака се се може. Што велите вие, носталгијата е чудо затоа и секоја година си доаѓам во мојата Македонија и колку што можам подолго останувам. Не е многу далеку, 16 часа летање, нашите од Европа со коли се враќаат во Македонија и возат само неколку денови. Се што се сака се се може.

Balkan Music: Колку што сме информирани, ти си еден од најбараните и исто така најпознатите македонски музичари кој што по преселбата продолжува да го живее животот најнормално, да пее и едноставно да ужива во животот. Каде поточно живееш во Австралија и како ти се допаѓа таа земја за живот? Дали се прилагоди кон нивниот начин на функционирање и едноставно како живееш и го поминуваш еден обичен ден?
Николче Јошката: Добро ве информирале (се смее). Фала му на Бога порано доаѓав како ѕвезда за музичка турнеја, но и така продолжив. Секој викенд сум зафатен, малку пренатрупан распоред бидејќи јас живеам во Перт, Западна Австралија, а градовите во кои често јас настапувам се на другата страна на континентот – Мелбурн, Сиднеј, Брисбан, Голд Коаст… значи станува збор за авионски летови повеќе од 4 часа во еден правец. Многу сум далеку од нив, но авионот лета и љубовта со песната немаат граници посебно кога ќе ве бараат да им ја збогатите фамилијарната веселба. Тогаш сте најсреќни и нема препреки. Со Господ напред и летаме (се смее). Инаку, во обичните денови од викенд до викенд ги полнам батериите за следниот нареден викенд. И бидејќи Перт ја има најубавата клима, скоро 9 месеци е топло и нема зима, најчесто сум на плажа затоа што и самиот град се протега долж брегот на Индискиот океан од кој што сум одалечен само 10 минути.
Balkan Music: Колку често има македонски забави и дружења со македонците во Австралија, и кои песни често знаат од срце да ги порачаат и посакат да ги чујат?
Николче Јошката: Фамилијаните веселби не престануваат. И овде редовно се прават свадби, крштевки, родендени… има доста и македонски забави како во мојот град каде што живеам, така и во другите градови. Мора да се дружиме. А што се однесува до изборот на песни, се повеќе е насочен кон нашите македонски патриотски песни како што се „Бисер балкански“, „Ја излези Ѓурго“ … „Заветнз“ е сега во голем замав, но без „Јовано Јованке “ , „Македонско девојче, „Битола… нема забава! Да не набројувам, ама има доста убави песни кои што се бараат и да бидам искрен ми е кеиф дека повторно се обновуваат некои подзаборавени песни.
Balkan Music: Во Македонија имаше неколку интересни и професионало убави и квалитетни концерти, но како е во Австралија. Дали досега се случило да имаш турнеја и да ја обиколиш целата држава, секој град и место каде има македонци и да одржиш концерт се со цел да се забавуваат нашите со тебе и твоите песни?
Николче Јошката: Да, во Македонија направив доста за паметење, а фала му на Бога истото го продолжив и тука. Успешно ја вртам цела Австралија, а тоа беше најпрво со моите колешки од Македонија, Благица Павловска и Елена Велевска за да патот се отвори и сега сам успешно продолжив со тие да ги наречам турнеипо сите градови низ Австралискиот континент. Само да споменам дека за нашиот најголем празник пред една-две години имав концерт во Мелбурн и на истиот имаше над 1.000 наши македонци. Ова е највистина огромна бројка и ретко кој може да се пофали со таа бројка.

Balkan Music: Не може а да не те прашаме, која е разликата помеѓу Австралија, тамошниот живот и се она што моментално го живееш и животот во Македонија и она што си го имал и оставил тука?
Николче Јошката: Па има доста разлики. Прво, јас сум тука „гостин“ во оваа земја и сигурно не ми е како во Македонија, иако со музиката и не чувствувам разлика. Си направив и привлеков доста публика и тука која е присутна во голем број на моите настапи. Во Битола се знае – тоа е незаменливо. Овде почувствував повеќе мир, нема препукување помеѓу партии… ако верувате тука никој не го интересира кој е Претседател и од која партија е, па и кој му е комшија некои не знаат. Затоа нема стрес, има мир! Не се замараш со глупости и не се расправаш со најблискиот за тоа кој е на власт и што ќе направат истите тие за Македонија. Сте ги изгласале и тоа му е работа – да направат и променат нешто на подобро!!! Здравството и школството се многу напред и нема како кај нас врски – овој ќе биде, другиот избркај го. Климата за мене е број 1 и затоа останав тука, бидејќи јас мразам студени зими, дождови… сакам топло и долго лето. Од многу жешко и многу пари нема зима (се смее).
Balkan Music: Дали во државата и делот каде што ти живееш има македонски медиуми или пак на тамошните медиуми одвојуваат простор за македонците кои живеат и работат таму, па освен информативна програма може да се слушне и македонска музика на нивните радиостаници или телевизиски канали?
Николче Јошката: Да, во секој поголем град – држава на овој континент каде што живеат и работат македонци најчесто има македонски радиостаници. За жал, се уште нема нашам македонска телевизија тука во Австралија, но затоа пак преку стриминг и интернет ги гледаме нашите македонски телевизија од Македонија. И во тек сме со се (се смее).
Balkan Music: Откако си во Австралија, какви се музички проекти и албуми имаш работено или пак објавено и дали досега имаш учествувано на одредени настапи или музички фестивали во оваа држава?
Николче Јошката: Откако сум тука во Перт, имам снимено неколку видео записи и неколку ковер снимки кои се веќе на YouTube. Инаку да, сум настапувал на македонски музилки фестивали во Мелбурн кои се дел од Австралиската асоцијација за култура и уметност, каде што се пејат наши традиционални стари македонски народни и изворни песни.
Balkan Music: И покрај тоа што подолг временски период работиш и живееш во Австралија, сепак, Македонија не ти бега од мислите. Неодамна нашите читатели ги информиравме за хуманата акција која што ти ја спроведе во Битолската противпожарна бригада. Кажи ни, дали освен оваа акција досега нашата земја или својот роден град често го помагаш и донираш се она што му е потребно на истиот? Тоа е хумано и секоја чест за тебе и сето она што го правиш.
Николче Јошката: Јас сум хуман човек. Живеам од народот и сакам да му помагам. Често пеам на хуманитарни забави. Каде што е потребна помош како за тука, така и за во Македонија. Во Битола дел од сретствата беа наменети за Против Пожарната Битолска бригада, бидејќи токму тогаш пред мојот концерт во Битола се случија големи пожари и кога ги прашавме како да им помогнеме ни рекоа дека имаат потреба од дрон. Па како што веќе споменав, дел од сретствата го набавивме и дронот. Од мене толку, од Бога повеќе. Дел од фудбалската опрема како и логистичката поддршка на Фудбалскиот клуб Јени Маале од каде што и јас потекнувам, во него играше мојот брат, а мојот татко беше дел од стручниот штаб. Бидете хумани колку што можете.
Balkan Music: Кога Јошката ќе го видиме во Македонија на свој терен со уште еден одличен и квалитетен концерт, овој пат во Скопје со музички спектакл во живо за кој апсолутно сите ќе зборуваат и раскажуваат?
Николче Јошката: Време е. Со Господ напред, здрави и живи само. После спектакуларниот концерт во Битола на Ракометарното игралиште добив крилја и сила за нешто поголемо. Навистина на Македонија и треба малку повеќе весели мигови, ние сме таков народ. Концерт во Скопје мора да се направи.
Balkan Music: А во меѓувреме, што е она што го подготвуваш, снимаш и со што можеш да се пофалиш во идниот период. Накратко, кои се твоите музички планови за периодот кој што ни доаѓа?
Николче Јошката: Здравје Боже, доаѓам ова лето повторно во Македонија. Ми остана недозавршен проектот за новото ЦД кое ќе носи наслов: Песни за мојата Битола. Нешто поразлично од мене и моите претходни изданија. Доколку се биде средено и како што треба, треба да снимам и еден видео запис за една од тие песни и да доснимам тоа што сум го замислил. Ќе направам неколку гостувања во неколку ресторани каде што сум пеел во текот на мојата музичка кариера, но се зависи од времето. Сакам да и се заблагодарам на мојата најверна публика за цело ова време и што секогаш со душа чекаат да се вратам и да направиме топ незаборавни забави.

Balkan Music: И за крај на ова наше интересно, кратко, но сепак слатко интервју. Како и на кој начин би ги поздравил гледачите на Балкан Мјузик телевизија и читателите на нашиот сајт?
Николче Јошката: За крај, бидејќи сум најдалеку, затоа и еден најголем поздрав од другиот крај на светот од мене Николче Јошка до вашите гледачи и читатели на вашата најгледана музичка телевизија и вашиот сајт кој редовно го читам. И морам и не смеам да заборавам да речам едно најголемо благодарам до вашиот неуморен тим, бидејќи сте најголеми професионалци во вашата работа, а тоа го докажавте и на мојот концерт во Битола.
Интервјуто го подготви: ПР тимот на Балкан Мјузик ТВ