Во веќе добро познатиот термин, македонската публика и тв гледачите имаа можност да уживаат во 24-та епизода од четвртата сезона на музичкиот серијал „На Здравје“. Оваа епизода, како и секоја досега, донесе исклучителна музичка програма, богата со настапи во живо, емоции и добро расположение.
Музичката вечер ја отворија Фантастик Бенд, кои со својата изведба создадоа одлична атмосфера и ја загреаја публиката за следните настапи. Веднаш по нив, сцената ја презедоа Вукица Челебиева и Ѓорги Поцков, кои во придружба на најдобрите – Група Круна, ја отпеаја прекрасната песна „Мерак сокриен“.
Забавата продолжи со Виолета Пандовска, која со емотивна изведба ја оживеа незаборавната „Што ќе ми живот“, додека Марија Петковска блесна со автентичната народна песна „Дури бев мома при мама“.
Како специјален гостин на оваа епизода, водителот и домаќин Орде Неделковски ѝ го претстави на македонската јавност Игор Андреевски, млад и талентиран 26-годишен музичар од Велес, за кого, како што се најавува, допрва ќе се слуша.
На прашањето за неговата инспирација во негувaњето на кичевскиот мелос, Игор изјави:
„Уште од мали години сум задоен со македонска музика и со музиката од тој крај. Иако прво се запознав со класичната музика, во душата ми е македонската музика од кичевскиот крај. Можеби во претходниот живот сум бил оттаму, па секогаш кога одам кај блиски ми се чини дека душата ми е таму“.

Како новитет во својата музичка кариера, Игор ја најави својата нова песна „Шерберли ергенлак“, во која, како што рече, се пронашол, а верува дека секој ерген кој сè уште ужива во својот ергенски живот ќе се пронајде во неа. Во продолжение, тој ја изведе тиквешко-кавадаречката класика „Одам, одам, не се оди“.
Во вториот дел од емисијата, емоциите продолжија со одличните настапи на македонските изведувачи: Љупчо Јовановски со песната „Љубов и оган“, Елена Велеска со „Лоша копија“, Душко Георгиевски со „Во наше село чешма шарена“, Саид од Идоли со својата „Ме сакаш 100 посто“ и Лени Партикова со емотивната „Стара љубов“.
За крај, оваа 24-та епизода заврши како што и доликува – со одлична песна во изведба на домаќините Група Круна, кои ја отпеаја легендарната „Катерина“ и уште еднаш докажаа зошто се едни од најдобрите на македонската музичка сцена.
Со ова, „На Здравје“ уште еднаш покажа зошто е една од најпопуларните музички емисии кај македонската публика. Очекувајте нови возбудувања и уште повеќе музика во наредните неделни музички изданија.
До следната недела, На здравје!