Понекогаш во музиката е дозволено да се експериментира особено ако во вас се разбуди “второто јас”, она поразлично од вообичаеното и можеби на моменти бунтовно. Ако е направено на вистинскиот начин, публиката ќе знае тоа да го награди со добра критика и позитивни реакции. Секако, до следниот наплив на музички идеи.
Новиот видео запис на Елена Јовческа заедно со преработената “Твоите очи шараат” на Драган Вучиќ, ни носи една таква бунтовна енергија. За новиот поинаков аранжман е заслужна токму самата Елена заедно со нејзиниот колега Никола Кочанковски. Модерниот звук и изведба во самото видео ни го пренесуваат Велко Николоски (гитара), Благоја Нанески (ударни инструменти) и Марјан Ртоски (сајзер). Замислата за видео записот ја реализираа “Арт студио” – продукција во соработка со BalkanMusicTv. А какви се првите впечатоци на Елена, ни се пофали самата…”Пријатно сум изненадена како моите обожаватели ја прифатија оваа преработка на познатиот хит “Твоите очи шараат” и досега немам ниту еден негативен коментар. И воедно и публиката е изненадена дека се појавив во друго светло, надвор од она што го имам снимано и сработено до сега. Голема благодарност до моите колеги и воедно мојот драг соработник и најдобар пријател Алек Палада за мојот изглед. BalkanMusicTv направи одлично видео и според мене кога го имаш најдобриот тим, производот е секогаш со голем успех”.
Ако сте за нешто ново, модерно, несекојдневно и помалку “огнено” претставување на стар добар хит, тогаш ќе ви се допадне и ова издание на видео записот и ова издание на Елена Јовческа…