“Све још мирише на њу”, “Моја је пјесма лагана”, “Јесен у мени”, “Када ме дотакне”, “Заставе”, “Љубавна”, “Након свих година”, “Ухвати ритам”, “Угаси ме”, “Проклета недеља”, “У љубав вјерујем”…нивните балади се омилени кај сите генерации, а ова се дел од нивните најголеми хитови. Аки Рахимовски со бендот “Парни Ваљак” уште во 70-те години ја покори домашната сцена и не сонуваа дека еден ден ќе бидат еден од најголемите бендови на овие простори.
По веста за смртта на пејачот Аки Рахимовски (67) не стивнуваат бројните коментари на неговите колеги и бројни обожаватели кои меѓу другото на социјалните мрежи напишаа дека “изгубија една сјајна душа и пејач, дека љубеа и патеа со неговите песни, дека денес тагуваат без него ама поради него, дека за благодарни за сите испеани песни кои засекогаш ќе живеат во срцата на оние кои растеа, љубеа и се радуваа со неговиот глас и безвременските хитови”…
Александар Аки Рахимовски е роден во Ниш на 5 јуни 1955 година, но за брзо време се преселува во Скопје. Неговиот татко бил музички професор со што на седум години тој започнал да учи во музичко училиште за клавир и пеење. Како тинејџер бил член на неколку состави меѓу кои се групите “Вакуум”, “Крвна браќа” и “Тор” со кој настапил на фестивалот во Загреб во 1975 година. Во соработка со менаџерот Владимир Михаљек – Мих го формираат првиот состав на “Парни ваљак”.
Аки пред четири години доживеа мозочен удар по што беа прекинати сите закажани концерти на неодредено време. По пауза од шест месеци продолжи со настапите и концертите не само во Хрватска туку и пошироко во регионот. И кај нас во Македонија беше омилен и секогаш добредојден, а на радост на нашата публика во 2019 година заедно со Гуру Харе ни ја подарија елегиската и полна со топлина нумера “Мајко” која меѓу другото е доказ дека “Аки навистина е наш”…