Војо Стојаноски (2 февруари 1949 год., Букојчани – Кичевско – 6 мај 2014 год. Скопје) — македонски музичар, автор и пеjaч на народна музика.
Дали може да се замисли една македонска свадба без песните “Ти донесов млада невеста”, “Ете мајко решив да се женам” и “Свадба голема” со типично македонски вовед и воздигнување на душата од звукот на зурлите и тапанот…песна која нема уште долго време да се повтори по својата впечатливост во секој поглед. И самиот Војо Стојаноски своевремено ја испеа на свој специфичен начин и изведба, со високо кренати раце и чинам голема гордост за своите корени.
Војо Стојаноски е роден во големо семејство со пет сестри и уште двајца браќа. Својата дарба за пеење ја наследил од неговиот татко кој заедно со чичко му биле пеачки тандем за стари македонски народни песни. Додека учел основно училиште неговите сестри го воделе да пее на приредби, а за време на средното образование станува член на КУД „Нико Пусоски“ најпрвин како играорец, но по потреба свири и на дувачки инструменти. Првата поголема прилика му се укажува во 1975 година каде учествува на традиционалната манифестација „Избираме најдобар работник – пејач“ во Пробиштип. Војо го освојува првото место со песната „Море абер дојде Ајше ле мори“. Како членови во комисијата биле познатиот гајдаџија Пеце Атанасовски, Јонче Христовски и Мате Грујоски, кои подоцна го убедиле Војо да започне професионално да се занимава со музика.
Набргу потоа тој ги снимил првите песни за тогашната РТС. На инсистирање на продукцијата да донесе песни од неговиот крај, кои никој друг ги нема испеано, Војо ги снимил песните: „Денеска ми е сабота“, „Погинал Стојан, загинал“, „Коња водам Анѓе“, „Зората се зазори“, „Загрмел Гољак, заплакал“ (песна за прочуениот Арсо војвода). Во текот на својата долгогодишна музичка кариера Војо Стојаноски ќе ни подари многубројни хитови како “Бела Јано”, “Суводолица”, гореспоменатите “Свадба голема”, “Ти донесов млада невеста”, “Ете мајко решив да се женам”, како и патриотските “Една мисла имаме”, “Нема друга Македонија”, “До каде има сој македонски” и уште 16 други кои по неговата смрт беа објавени на компилацискиот албум “Моја Македонијо”…песни кои тој ги исполни на фестивалот “Гоце фест”. Истите му донесоа голема популарност како овде, така и кај македонската дијаспора при што тој оствари многубројни концерти и турнеи во Австралија, Америка, Канада и по европските земји.
Познато е дека својата најголема инспирација Војо Стојаноски ја црпел во своето родно место каде ги напишал најубавите стихови за своите песни. Тие што добро го познавале велат дека “Војо имаше уште многу да даде во музиката и на публиката и остана неостварена неговата замисла за голем солистички концерт”. Со неговата смрт Македонија загуби еден голем патриот и вљубеник во македонската народна музика. Но за среќа, неговиот син Дамјан Стојаноски успешно го наследи и чекори по неговите музички стапки…