“Живот је море, пучина црна,
по којој тону многи што броде.
Није ми срце плашљива срна,
ја се не бојим велике воде”…
Вчера во својата 67- ма година од животот почина големиот кантавтор Ѓорѓе Балашевиќ. Тој е роден на 11 мај 1953 година во Нови Сад. Со пишување песни започнал уште во основното училиште, а неговиот сон бил да стане фудбалер. Гимназијата ја напуштил во трета година, ама успеал да матурира како вонреден ученик. По желба на своите родители се запишал на факултетот по географија, но иако бил солиден студент, никогаш не успеал да дипломира.
На почетокот од кариерата бил член на групите “Жетва” и “Рани мраз”, а во 1982 година започнал соло кариера. Има објавено вкупно 12 албуми, а има глумено и во неколку телевизиски серии за кои напишал и музика. Синглот “Рачунајте на нас”, од периодот додека бил член на “Рани мраз”, постигна голема популарност во поранешна Југославија и остана сеуште популарен кај југоносталгичарите. Често пишуваше за љубовта, но знаеше и да искритикува. Имаше необична смисла за хумор која не ја криеше во своите песни.
Ако припаѓате на генерацијата која напамет ги знае “Прва љубав”, “Живот је море”, “Неки нови клинци”, “Свирајте ми јесен стиже дуњо моја”, “Не ломите ми багрење”, “Панонски морнар”, “Лепа протина кчи”, “Девојка са чардаш ногама” и многу други, тогаш сигурно знаете како се љуби и пушта солза за љубовта…како се доживуваат летните ноќи со друштво, покрај морски брег и со звуците на гитарата…како се доживува младоста заедно со песните на незаборавниот Ѓорѓе Балашевиќ…