Почетна > Ексклузивно > “Дестанова ризница” – нешто ново и поинакво од неуморниот Џељо Дестановски…

“Дестанова ризница” – нешто ново и поинакво од неуморниот Џељо Дестановски…

///
Comments are Off

Секој нов проект го осмислува, започнува и остварува како да му е прв, како да треба “сефте” да се докажува и промовира, како да е на почеток…иста енергија, ист пристап, иста ведрина и љубов. Тој е музичар и инструменталист кој е секогаш воден од животното мото дека треба постојано да се твори и создаваат нови музички проекти. И стигнува се…затоа што со целото срце ја сака својата работа, музиката, луѓето и дружбата. Затоа што е Џељо Дестановски, име кое има своја величина и белег на македонската музичка сцена, човек кој ни ја дарува традиционалната музика на начин на кој и самиот тој ја доживува, со сета душа…

И така, на повидок е нов интересен и несекојдневен видео запис на нашиот најпознат зурлаџија Џељо Дестановски насловен како “Дестанова ризница”. За истиот тој ќе каже…” Јас сум човек кој сака постојано да создава и секој ден ми носи нови идеи за нови музички проекти. Овој пат сакав да биде нешто сосема различно, богато и досега невидено на музичката сцена кога станува збор за традиционалната музика. Среќен сум што повторно за соработка ги имам своите ценети колеги музичари и инструменталисти кои со својата позитивна енергија и пристап ќе го направат и овој мој видео запис целосно комплетен и успешен. Музиката и аранжманот за орото “Дестанова ризница” ги напишав јас и во оваа прилика сакам да упатам голема благодарност до сите кои работеа и учествуваа во проектот – аудио, микс и мастер “The Studio” на Горан Мирковски…за аудио – Роберт Спасенцовски (хармоника), Дејвид Демир (ритам гитара и тамбура), Далибор Ефтимовски (ударни инструменти) и Назим Али (тапан)…за видео – Ален Рамчевски (гитара), Дарјан Дунчевиќ (тарабука), Славе Најдовски (сајзер) и повторно Роберт, Далибор и Назим…за снимање и монтажа “Арт студио” – продукција…благодарност и до ансамблот “Никола Јонков Вапцаров”, учениците при ЕМЦ “Наши Ноти” кои се надевам дека ќе бидат нашата следна генерација успешни инструменталисти, Ива Ѓошиќ која се погрижи за шминката и фотографот Стефан Мешковски кој со својот фотоапарат ги овековечи нашите насмевки, дружба и шаренило на прекрасните народни носии од Скопскиот регион. Учество се разбира, зема и мојот син Џан Дестановски кој се надевам дека еден ден ќе биде мојот достоен заменик на зурла, исто како што сум јас на мојот татко”…

Несомнено дека и ова ново оро и видео запис на Џељо Дестановски ќе бидат успешни како и досегашните…но најважно од се, ќе донесат ведрина и среќа во нашите животи затоа штo тоа е и целта на секој врвен музичар – со својот инструмент да ги допре срцата на слушателите…

Во меѓувреме, уживајте во музиката на Џељо Дестановски на фреквенцијата на BalkanMusicTv…