Почетна > Ексклузивно > “Лешочки Фолк Фест” – горди на својот јубилеј…

“Лешочки Фолк Фест” – горди на својот јубилеј…

///
Comments are Off

Единствен во тој дел од нашата преубава Македонија, во природа која прегрнува и смирува, во духовно опкружување од манастирскиот комплекс на “Св. Атанасиј” и “Пресвета Богородица”, со целосна верба и посветеност на фестивалските директори Борче Брзанов и Сузана Спасовска, со многубројна публика понесена од ритамот и гордоста да се биде тука на летната сцена…така се роди, растеше, созреа и успеа да стигне до својот јубилеј, нашиот познат и надалеку признат фестивал “Лешочки Фолк Фест”. Во сите овие години неговите “музички врати” беа широко отворени за сите наши реномирани и докажани македонски фолк интерпретатори и автори се со цел да се заштити, промовира и афирмира нашиот фолклор како составен дел на македонската култура и традиција…

Со голема љубов и заложба на максимално посветените Сузана Спасовска и Борче Брзанов, “Лешочкиот Фолк Фест” оваа година ќе го проследиме во малку поинакво издание. Поради ситуацијата со пандемијата и забраната за масовни собирања, овојпат учесниците на истиот своите лирски, печалбарски и патриотски ноти ќе ги пренесат на гледачите преку фреквенцијата на BalkanMusicTv (ФБ и Инстаграм), ФБ страната на “Лешочкиот Фолк Фест” и како видео проекција на отворената сцена во лешочкиот манастирски комплекс… на тој начин фестивалските рефрени ќе можат да ги следат и присутните верници и љубители на македонскиот фолклор…

Во позитивна атмосфера и возбуда која секоја година го прати овој настан, вчера во реализација на “Арт студио” – продукција се снимаа нумерите кои беа избрани за овогодинешното издание. Истите ќе ги исполнат многу наши познати и признати музички имиња од македонската фолк сцена, на наше големо задоволство – буквално од сите генерации. Ова издание ни носи 11 сосем нови авторски композиции и 9 успешни хитови од изминатите изданија кои останаа во срцата на публиката. Преносот на ова ретроспективно јубилејно издание ќе можете да го следите на 27 август, во пресрет на големиот христијански празник “Успение на Пресвета Богородица”. За текот на програмата ќе биде повторно задолжена шармантната водителка Ирена Спировска, а изведувачите ќе ги прати фестивалски оркестар. Вреди да се спомене дека низ сите овие години организатор на оваа единствена и автентична културна манифестација е здружението за негување на македонскиот фолклор и традиција “Источник”, здружение кое и во иднина ќе се труди да остане доследно на целите во кои верува и си ги поставува секогаш пред себе. Се со надеж дека на следното издание повторно ќе се разлее звукот на новосоздадената македонска песна низ гордиот манастирски комплекс на магичната лешочка природа…со публика собрана од сите страни на светот…горда на празникот, фолклорот и сплотеноста.