Кога за момент ќе помислиме дека само кај нас се случуваат некои работи кои не прават полоши од другите, соседите не потсетуваат дека всушност сите сме те едни, те исти. За жал, во последно време се повеќе испливува на површина нашата нечовечност, нехуманост и незаинтересираност…за она што со години некој го создавал и чувал. А сето тоа заслужува и те како големо внимание и едноставно страхопочитување, затоа што и нашето треба некој да го сочува и продолжи…но ќе има ли такви?!
По тажната приказна за имотот на нашата Есма Реџепова, еве осамна оглас на социјалните мрежи за продажба на вредните работи и антиквитети на покојните Уснија Реџепова и нејзиниот сопруг хармоникашот Светомир Шешиќ – Шеле. Но она што го прави бизарен овој оглас е тоа што се продава дури и креветот во кој Уснија ги помина последните моменти од својот живот. Нејзин близок пријател шокиран од овој несекојдневен потег даде изјава во еден од српските медиуми…”Шеле и Уснија создадоа многу. Нивниот дом беше преполн со вредни работи, Уснија носеше антиквитети од сите страни на светот. Клавирот со кој ги забавуваше своите пријатели на домашните седенки, сите сувенири кои ги обожаваше како и креветот на кој спиеше, боледуваше и ги помина последните моменти од животот сега се на продажба. Тоа е ужасен срам. Наместо вредните работи да се најдат во некој музеј како експонати во сеќавање на една голема музичка ѕвезда, тие се продаваат по огласи”…
Уснија Реџепова (4 февруари 1946 год. Скопје – 1 октомври 2015 год. Белград) и припаѓа на ѕвездената музичка генерација заедно со Лепа Лукиќ, Мирослав Илиќ, Нада Топчагиќ, Силвана Арменулиќ, Тома Здравковиќ и многу, многу други. Својата најголема популарност таа ја имаше во 70-те и 80-те години кога “жареше и палеше” со своите песни и преубав изглед. Кариерата ја изгради пеејќи песни од Врање и околината, а цели 25 години ја играше Коштана во истоимената претстава на сцената на “Народниот театар” во Белград…