Есма Реџепова “Велика”…сонце, топло ветерче што милува по косата, недогледна ливада преполна со црвени како жар цветови, детски џагор што се слуша од далеку и на далеку, блага болка во градите колку да те потсети дека и ти си човек, ама во вистинска смисла на зборот, солзи што течат како изворчиња по образите, музички височини… и уште безброј зборови можат да се нанижат при спомнувањето на нејзиното име, името на нашата “мама Есма”.
Браќата Филип и Раде Нуневски имаа голема чест и задоволство да бидат извесен период дел од тимот на кралицата на ромската песна Есма Реџепова. Заедно со неа тие започнаа да го живеат својот голем сон кој требаше да трае до последниот потрошен музички атом. Во текот на заедничките патувања и настапи Филип и Нуне имаа можност да учат од голем професионалец, но и самите да ја покажат својата креативност и талентираност. Со еден таков елан и позитивна енергија се почна и со снимање на цеде за странска издавачка куќа кое требаше да биде микс од старо – нови хитови на Есма, но овој пат во специфичниот стил на “Браќата Нуне”. За жал, и покрај големата среќа и исполнетост дека се создава нешто ново, дека повторно ќе се настапува и ќе се дарува позитивна енергија на публиката, нашата Есма успеа да сними само две песни од предвидените. А потоа следеше шок, неверување, тага и празнина во срцето…
По скоро четири години, Филип и Раде симболично го одбраа денот кога се родила Есма Реџепова за промоција на едната песна “Латино у моди” чија музика е лично на Есма и е од нејзиниот голем хит “А бре како”, на текст од Симеон Атанасов и аранжман на браќата Нуне. Видео записот е направен кратко по нејзината смрт во просториите на МНТ, во режија на Дарио Јанковиќ, постмонтажа и визуелни ефекти Дуле Јанев и аудио продукција Горан Гешовски. Втората пак песна е во план да биде промовирана на 11 декември, денот кога нашата драга Есма засекогаш не напушти. Но не засекогаш и не во потполност, затоа што преку музиката се вдахнува нов живот после смртта…
А Филип и Раде Нуневски ќе продолжат да творат и понатаму со истата жар и енергија како досега, со зборовите “Да се сакаме и шириме љубов” на единствената Есма Реџепова Теодосиевска, зборови кои веќе си најдоа длабоко катче и во нивните срца…