Почетна > Македонија > Да не се заборават – Пеце Атанасовски…

Да не се заборават – Пеце Атанасовски…

///
Comments are Off

Пеце Атанасовски (25 октомври 1925 год. с.Долнени – 14 септември 1996 год. Скопје) – аранжер, водач на оркестар и изведувач на македонска народна музика, како и композитор на новосоздадени фолклорни песни.

Гајда…инструмент кој со разлевањето на првите звуци ќе ви ги поткрене сите ваши сетила и ќе ви наговести дали истата тагува или се радува. Гајдаџија…човек кој ја гушка гајдата и од своите прегратки “ги пушта” кон вас тажните или радосните тонови. И да, може да ви се стегне грлото, да ви се насолзат очите или пак да го почувствувате срцето како да сака “да излета” од градите…како што ни се случува нам, како што им се случува на сите оние ширум светот кои сакаат да не запознаат, не знаат и веќе живеат заедно со нас во истиот ритам, ритамот на постоењето…

Нашиот најпознат гајдаџија Пеце Атанасовски потекнува од село Долнени, Прилепско. Неговите први професионални ангажмани се поврзани со Радио Скопје во 1946 година и подоцна со Државниот ансамбл за народни песни и игри “Танец” во далечната 1950 година. Во својата богата професионална кариера, тој бил активен на многу музички полиња и со тоа негово залагање, творење и пренесување на своето знаење одиграл значајна улога во македонскиот фолклор. Од 1959 година па се до своето пензионирање бил раководител на Оркестарот од народни инструменти во Радио Скопје и кореограф на повеќе од дваесет културно – уметнички друштва во Македонија. Почнувајќи од 1966 година па цели 29 години потоа, ја раководел Фолклорната школа за странци во Отешево. Во 1973 година го основал “Долненскиот фестивал” кој подоцна по неговата смрт се преименува во Фестивал на народни инструменти и песни “Пеце Атанасовски”. Својата животна енергија ја посветил на пренесување на своето музичко и инструментално знаење низ целиот свет, кое истото му донесе и 19 меѓународни награди од разни светски фестивали. Една од позначајните е онаа во 1968 година во Ериче, Италија каде во конкуренција од 1800 гајдаџии од целиот свет го освојува првото место и наградата “Златна гајда”. И не само тоа, Пеце Атанасовски во текот на својата кариера има собрано импозантна фолклорна збирка од околу 20 000 народни песни и ора, а се опробал и како композитор на новосоздадени фолклорни песни…

За некои луѓе, еден живот не е доволен за да го покажат, пренесат и всадат кај другите сето она што го носат во себе, сета онаа музика што како река секојдневно извира од нивните мисли и срцето. Несомнено дека и нашиот почитуван, ценет и незаменлив Пеце Атанасовски замина во легендите оставајќи го својот аманет за новите млади поколенија, желни за македонскиот фолклор како што беше и самиот тој…светла ѕвезда која го осветлува патот на сите негови следбеници…