Почетна > Македонија > “Универзална сала” – срцето на Скопје…

“Универзална сала” – срцето на Скопје…

///
Comments are Off

И не дека е наша, и не дека израснавме покрај неа, во неа и со неа низ годините кога постојано се имаше културни и сценски доживувања на нејзината “скромна” сцена. Велам скромна, затоа што е токму таква во споредба со некои импозантни музички светски зданија…но во нашите очи таа отсекогаш била “голема”. А да си голем, не секогаш значи физички и визуелно голем…големината се мери и со тоа што ќе дадеш и понудиш на другите, а таа ни даде многу. И сега кога стана “стара, изнемоштена и трошна” дојде време да и се одолжиме, затоа што таа го заслужува тоа…

Вчера пред платото на “Универзална сала” се одржа најавениот собир за нејзина поддршка во организација на граѓанската иницијатива “Солидарни за срцето на Скопје”. Од собирот присутните граѓани упатија порака и апел дека “Универзална сала” мора да остане на истата локација, но да се најде начин за нејзина санација и реконструкција. По толку години чекање, време е истата да се преобрази во современа и модерна сала која ќе ги понуди сите високи стандарди како на публиката, така и на уметниците кои ќе гостуваат и настапуваат. Подршка на оваа иницијатива дадоа и дел од познатите македонски музичари, актери и естрадни уметници, сите заедно сложни во изјавата дека “Универзалната сала” е обележје на градот Скопје, храм и светилиште на културата и уметноста, место каде настапиле голем број на познати наши, регионални, светски уметници кои оствариле незаборавен и близок контакт со публиката. Истата е подарок на повеќе земји од светот по скопскиот катастрофален земјотрес во 1963 година и на тој начин стана симбол на хуманоста и солидарноста, нешто на кое бевме горди сите овие поминати години…

Некој ќе рече…во животот треба да се оди напред, да не се живее во и со минатото. Лесно е да се урне, тешко е да создадеш…но што ќе остане како симбол за Скопје ако ги урнеме сите делови од неговата душа и постоење. Што ќе остане гордо да стои и тоа во самото срце на Скопје, ако не самото срце на Скопје – “Универзалната сала”…