Во денови исполнети со празнично весело расположение ни доаѓа уште еден новитет од вредната работилница на познатиот Тунџај Туна Шавлев. Од повеќето нови авторски проекти кои ги снимаше кон крајот на минатата година во соработка со “Арт студио” – продукција, за почеток премиера доживеа едно бомбастично оро наречено “Богаташко”. Веселиот темперамент и самиот инструмент на кој твори Туна ни носи една разиграна мелодија која не може да ве остави “седнати на столче”. Со него рамо до рамо настапува и неговиот пријател и соработник на виолина Сенат Дурмишов, двајцата во придружба на колегите од “Премиер Бенд”….
Во најава од Туна имаме и една брза двојка насловена како “Демова игра” за која инспирација му бил неговиот учител и татко Демо Шавлев. Среќата да расте покрај татко музичар го направи тоа што е денес, успешен во својата мисија да ги “усреќува” и другите околу него. А креативноста што ја носи во себе ќе имаме можност да ја почувствуваме преку следните негови нови музички проекти. До следното, уживајте во првото оро на Тунџај Туна Шавлев за оваа 2020 година наречено “Богаташко оро”…за секој што сака да го понесе ритамот!!!