Почетна > Македонија > “Стојне” – нов видео запис на група “Оскар” од Битола…

“Стојне” – нов видео запис на група “Оскар” од Битола…

///
Comments are Off

Убаво, разиграно, со рефрен кој веднаш “влегува во уво” и лесно се потпевнува…тоа се веселите зборови и ноти кои се запишани во новата хит песна на познатата група “Оскар” – Битола. А таа, љубовта со која секојдневно сме опкружени е секогаш најголемата инспирација за секој музички автор. И тогаш зборовите се лесни и искрени затоа што ги пишува срцето, а ги раскажуваат инструментите…

Групата “Оскар” во вистински момент на своите обожаватели им ја дари својата нова песна “Стојне” заедно со освежителен видео запис, онака како што е редот. Музиката и текстот ги напиша Далибор Даки Ѓошиќ, а за аранжманот се погрижија Никола Кочанковски и Горан Проја Димовски. Аудиото е снимено во студио “Кочан”, а видеото го изработи “Playback” – продукција од Битола во соработка со Благој Мустриковски. Кадрите од спотот се снимени на интересни и примамливи локации…едните на Ротинско Езеро распослано во прегратките на магичниот Пелистер, а другите во пределите на т.н. Битолско Мариово, каде небото е обоено со посебно плаветнило и се чини дека е бескрајно…

Стојне, Стојне паметот го изгубив,

Стојне, Стојне во тебе се заљубив…

Ќе потпевнуваме до повторни нови музички дружења, седенки и семејни веселби, а дотогаш членовите на група “Оскар” од Битола порачуваат: “додека постои и живее љубовта на земјата, ќе не има и нас”!!! А ние ќе додадеме…само за се е потребно вистинско време, инспирација и многу љубов за да се подарат уште многу нови стихови, рефрени и музики.

Оваа нумера и сите останати музички проекти на групата “Оскар”, можете да ги слушнете и во нив да уживате на фреквенцијата на BalkanMusicTv…