Со широка насмевка и ведро расположение Спасен Сиљаноски е еден од нашите популарни фолк пејачи кој нема свој дупликат, затоа што е единствен. И покрај сите згоди и незгоди низ животот, не така едноставниот музички пат кој денес те носи тука негде во близина, а утре на другиот крај од светот, вистинска доблест е да ја имаш таа постојана позитивност во себе. Но Спасен е скромен и во секоја прилика повторува “Му благодарам на бога за се досега”, затоа што низ животот се пробива чекор по чекор, со јасни цели, чисти мисли и срце. Со карактеристичен глас и голема љубов особено кон македонскиот мелос, тој веќе има своја “армија” обожаватели кои неговата песна ја доживуваат како стрела во градите…
Во соработка со “Арт студио” – продукција Спасен ги објави своите две нови студиски видео обработки за авторската “Кој ли ми ја украде” и народната “Назифе”. Првата нумера е емотивна и љубовна приказна зад чии зборови стои неговата мајка Јагода Сиљаноска, надополнети со негова музика. Втората “Назифе” е стара кичевска песна за која Спасен уште одамна размислуваше и мечтаеше, можеби поради големата љубов кон својот роден крај. Истата е “облечена” во еден нов аранжман кој е збогатен со разновидни звуци како со современи, така и со традиционални инструменти. И двете испеани со голема жар и внатрешна исполнетост…
Неодамна Спасен заедно со својот колега Дарко Стојаноски и групата “Престиж” заминаа на голема австралиска турнеја за чии концерти веруваат дека ќе бидат и повеќе од успешни. Познавајќи ја нивната дарба за добра атмосфера и желбата да им се даде наше на нашите во Австралија, ќе бидат тоа денови исполнети со дружење, музика, взаемна љубов и солзи…солзи кои самите потекуваат при првите тактови на македонската народна песна…