Осумнаесет години го негуваат и промовираат македонското изворно
творештво во Канада. Но носталгијата си го направи своето, па
брачниот пар Соња Лозановска и Оливер Петковски, познати како
„Соња и Оливер бенд“, одлучи креативниот наплив да го преточи во
нови композиции – овој пат од родната Битола.
Освен учеството на повеќе домашни манифестации, ова брачно дуо го искористи враќањето во татковината за да сними и два видео записи за новите песни „Боже правда нема“ и „Мојот живот“. Музиката и аранжманот за двете песни се дело на авторското дуо Дејан Момироски од XL студио и Борче Нечовски, а за видео продукцијата се погрижи “Арт студио” – продукција. „Боже правда нема“ е тематски приказ за животот на Македонците од Егејскиот дел и нивната макотрпна судбина.
Спотот го краси прекрасниот битолски фолклорен ансамбл
„Гоце Делчев“ за чија кореографија се погрижи Бранко Жежовски.
Во „Мојот живот“ пак, се опејува носталгијата кон родината со приказ на највпечатливите знаменитости во градот под Пелистер… Саат кулата, Широк сокак и Офицерскиот дом. Видео записот е збогатен со гостувањето на Благојче Трајковски на кларинет, Дарко Илиевски на хармоника и Џељо Дестановски на зурла.
Соња и Оливер ѝ се добро познати на македонската јавност како
долгогодишни членови на групата „Амајлија“ која настапувала на
безброј фестивали и освоила повеќе награди. Освен музиката,
некогашната водителка и презентерка на „Актуел“ на ТВ Тера не го
запостави ниту новинарството во Торонто, каде е главен и одговорен
уредник на најстарото гласило за Македонците во Канада,
„Македонија“.