Почетна > Македонија > “СЕДИ ДОМА” – заедно со Лидија и Ване…

“СЕДИ ДОМА” – заедно со Лидија и Ване…

///
Comments are Off

Не така одамна тие ни ја подарија среќата, љубовта и насмевките преку својата нова песна и видео запис насловен како “Кажи да”. И тоа требаше да биде почеток на сето она што следува со доаѓањето на пролетта…поголема раздвиженост, свирки, веселби, делење на себеси кон другите, онака како што знаат само тие… а тие се “Ориентал бенд”!!!

Велат дека во секое лошо треба да го најдеш и најмалото делче на среќа за да го пребродиш полесно. Лидија Паскова својата нескротлива енергија ја насочи кон своето синче Марко и сопругот. И да, сега во потполност е предадена на Марко кој ниту во еден момент не ја остава на “раат”. За среќа имаат дворче низ кое и двајцата си играат и лудуваат, оти и тој како мама ја има истата енергија…бесконечна. “Искрено тешко ми паѓа оваа страшна ситуација која ги погоди луѓето и нивното здравје. Не сакам да гледам вести оти од нив станувам потажна кога слушам што се случува околу нас. Од душа и срце сакам сите да оздрават, да нема веќе болни и побргу да помине ова што случува. Ја сакам природата, сакам да шетам, да трчам и спортувам, ама ги почитувам до крај сите мерки и никаде не излегувам, за доброто на сите нас. Многу ми недостигаат свирките и таа енергија и блискост со публиката, затоа со душа чекам да почнеме повторно да настапуваме” – ни раскажа Лидија. А Марко, па тој е најсреќен затоа што секоја вечер него го гушка и заспива неговата најмила мама Лидија…

Истата судбина ја дели и нејзиниот колега од бендот Ване Биков…и се разбира истите мисли и надежи. Него пак како да му се погоди целава оваа ситуација со седењето дома за да може во потполност да му се посвети на своето четиримесечно синче Филип, секако и на сопругата и ќерката. И затоа вели дека убаво и интересно му минува сето време…тука е да го забележи секое ново движење, мимика на малиот Филип и сака кога му потпевнува. Останува време и за другите работи по дома што можеби друг пат нема да стигнеш да ги завршиш или пак поправиш. Најважно од се е дека семејството е заедно, за останатите слушаш дека се добро и трпеливо ги чекаш подобрите времиња…

Во вакви денови мора да се остане присебен и позитивен па така Лидија, Ване и останатите членови на “Ориентал бенд” за момент застанаа со својот ритам, ритам кој искрено се надеваат дека наскоро ќе продолжи. Затоа што срцето на музичарот не може долго да мирува, тоа е посебно и од бога благословено да шири радост, среќа и бескрајна љубов…