Почетна > Македонија > Петар Трајанов со неговото првенче “Петровденска гајда” за поубаво музичко расположение…

Петар Трајанов со неговото првенче “Петровденска гајда” за поубаво музичко расположение…

///
Comments are Off

Убаво е кога за време на секој наш поголем и значаен празник се промовира нова песна или инструментална нумера, кога нашето расположение добива на интензитет со секое ново музичко откривање и негово потполно уживање. Во таа смисла помина и нашиот голем празник Илинден, кој младиот и талентиран Петар Трајанов го искористи за промоција на својата инструментална нумера насловена како “Петровденска гајда”, преточена и во живописен видео запис. А во него, шаренило од музички звуци предводени од незаменливата македонска гајда, младите членови на фолклорниот ансамбл “Китка” (Ораовица) и КУД “Кирил и Методиј” (Иловица), испреплетени во оро и закитени од своите шаренолики народни носии…сите заедно со несебична подршка на позната група “Крешендо”. Младиот Петар слушајќи ги гајдаџиите ја добил инспирацијата да создаде своја инструментална изведба по народните обичаи од радовишката околина. На 16 години за прв пат во студио снима професионален музички запис и остварува соработка со виртуозите Златко Миладиновски – тамбура и Христијан Николовски – тапан, а аранжманот го доверува на искусниот Љупчо Соколовски. Во соработка со “Арт студио” – продукција одлучува за музичкиот запис да се направи и видео спот кој се снимаше на неколку локации во радовишкото село Ињево од каде што и потекнува. Се на се, ова е уште едно инструментално музичко доживување кое ни докажува дека нашите млади таленти ќе ја продолжат традицијата која не отсликува нас и нашите македонски корени.

На само 4 години, талентираниот Петар Трајанов почнал да свири пијано, а веќе следната година активно зема учество на државниот и меѓународните натпревари по пијано каде освојува едно второ и две први места. Паралелно со основното образование тој го продолжува и музичкото образование и во текот на следните години зема активно учество во се што е поврзано со музиката, како на локално така и на регионално, државно и меѓународно ниво. Како одличен ученик во неколку наврати е и наградуван. По завршувањето на основното образование тој одлучува да продолжи професионално да се занимава со музика и го продолжува своето образование во средното музичко училиште во Штип – отсек пијано. Во меѓувреме пројавува интерес и желба за изучување на народните инструменти гајда, зурла како и инструментот хармоника, што воедно докажува дека семејната лоза на познатите Кристина и Слободан Трајанови (група “Крешендо”) успешно ја продолжува, негува и надградува младиот Петар од кој и во иднина се очекуваат уште нови музички планови и остварувања.