Почетна > Ексклузивно > Музичко шоу “7/8” – добриот глас надалеку се слуша…

Музичко шоу “7/8” – добриот глас надалеку се слуша…

///
Comments are Off

На денешен ден пред точно 1 година, започна една наша музичка приказна која уште од самиот почеток ја следеа многубројни позитивни коментари како од публиката така и од самите колеги музичари. Или со еден збор кажано – не бендисаа. А имаше и зошто…поради нашата Анита Даева која повторно заблеска во полн сјај на ТВ екраните, поради големиот оркестар составен од професионални музичари под раководство на маестро Златко Миладиноски, поради музичките пејачки имиња кои со задоволство ја прифаќаа поканата да гостуваат во нашата “распеана куќа” и поради сите останати кои не се занимаваат со музика, но слободно раскажаа свои интересни приказни од секојдневниот живот. И секако, поради професионалниот пристап и реализација на целата екипа од “Арт студио” – продукција кои понудија нова свежина на ТВ екраните во поглед на видео изразот, сценографијата и светлосните ефекти…осмислено и работено со многу љубов се со цел да бидеме репер како треба да изгледа едно забавно, опуштено и богато со музика неделно шоу…

И така се редеа најразлични комбинации…млади и зрели “екипи” со беспрекорни интерпретации како од народната така и од забавната музика, доајени на македонската народна песна кои уште со полно срце раскажуваа за својот животен пат испреплетен со музиката и вокално никако не се предаваат, врвни инструменталисти кои секогаш не потсетуваа на плодното музичко поднебје од кое постојано се раѓаат нови и нови генерации…и сите тие водени со една спонтана, релаксирачка мисла и насмевки од секогаш спремната и полна со животна енергија, Анита Даева. Се разбира, додатен предизвик за сите гости со музичка професија им беа и изведбите во живо кои секогаш беспрекорно ги пратеше нашиот голем оркестар…музички искален, со добра позитивна енергија и под будното око на водечката хармоника на шармантниот Златко Миладиноски…

Нашето музичко шоу “7/8” со својата голема гледаност и популарност која ја стекна кај ТВ публиката, ни дава надеж и поттик за нови музички патувања со нови музички гости и пријатели на добрата песна, зборови и мисла. И затоа, штом се создадат услови за повторна работа во студио очекувајте не назад во вашите домови…за пак да се дружиме, смееме, пееме и да ја делиме среќата преку музиката на фреквенцијата на BalkanMusicTv, затоа што ние просто сме создадени за сето тоа…Во скоро време – повторна средба, очекувајте не!!!