Кога имаш пријатели, знаеш дека секогаш има некој што ќе те сослуша, ќе ти помогне и ќе биде со тебе и во добро и во зло. Ама кога имаш музички пријатели…е тоа е нешто како лек за продолжување на животот. Тогаш биди сигурен дека куќата постојано ќе ти биде весела, исполнета со звуците на инструментите и на тој начин безгрижна. Затоа што со музиката се заборава на се, те пренесува каде сакаш и те спојува со кого сакаш…а богами ние сме си дружељубиви сеуште, најверојтно засекогаш и ќе си останеме такви, се додека се слушаат и последните тонови од некоја прекрасна мелодија или гласот на изведувачите. Кои сме ние без музика…замрзната долина која желно чека до неа да допре сонцето за да ја “оживее”, да ја разубави, да и го продолжи животот. Музиката е тука и кога сме радосни и кога сме тажни…и кога сме сами и кога сме во друштво…и во младоста, зрелоста и староста…просто низ целиот живот!!!
Во текот на изминатите месеци, нашето раме за утеха им се најде на многубројните верни гледачи. Благодарејќи на разновидната музичка лепеза со која располага BalkanMusicTv, деновите во карантин полесно ги пребродивме сите заедно. Од неуморната, полетна и секогаш расположена за работа, работилница на “Арт студио” – продукција најнапред се репризираа сите одлични и професионално одработени изданија на популарното шоу “7/8” и емисијата “Моја свадба” која опстојува еве веќе со години. Веднаш по создавањето на условите за одржување на т.н. карантински музички вечери, на големо задоволство на нашата публика повторно се разлеа музиката во живо на нашата фреквенција. За вас и вашите музички желби расположени беа и сеуште се:
-група “Молика” со гласовите на Анета Мицевска и Јовица Наумчевски
-група “Академци” со гласовите на Ивана Серафимовска и Даце Николовски
-група “Фортуна” со гласовите на Виолета Пандовска и Кико Димитриевски
….секако подоцна им се придружија и други нивни музички колеги како специјални гости на вечерта со по неколку нивни хитови и песни по избор. Овој вид на забавни вечери реализирани во “Арт студио” – продукција и во соработка со BalkanMusicTv наидоа на одличен, топол и воодушевувачки прием кај публиката во нашата земја, но и пошироко на Балканот и низ целиот свет. Едноставно сите љубители на добрата песна, македонска традиционална, новосоздадена или забавна, но и музички хитови од соседните земји, ги собраа сите симпатии на ТВ публиката која во деновите на затвореност и неодржување на семејните веселби мораше да се задоволи со овој тип на забава и релаксирање во кругот на своите семејства. Преку музиката се поврзаа сите што не можеа да се видат, прегрнат и заиграат…преку музиката се поздравија сите што си се сакаат, копнеат едни за други и се надеваат. И затоа, голема благодарност до нашите музички пријатели, големи професионалци и сите одлични во тоа што го работат со целото свое битие…групите “Молика”, “Академци” и “Фортуна”…
Последниот голем проект на “Арт студио” – продукција во соработка со BalkanMusicTv насловен како “ShowROOM” ги надмина сите наши првични очекувања. Истиот опфати голема екипа на музичари и изведувачи кои не потсетија на музиката од 90-те години и ја пробудија носталгијата кај многумина од нас. Со тоа нашата екипа докажа и покажа дека со добро осмислен концепт може да се реализира секоја идеја и желба како да им се излезе во пресрет на сите наши гледачи…и се разбира музички вкусови…
И тоа не е се…деновиве од нашата работилница веќе излегоа новите музички проекти на наши познати естрадни имиња како “Џамбо Агушеви” Оркестар, Елена Велевска, “Енерџи бенд”, а на повидок се нови видео записи кои трпеливо чекаа своја реализација. Од нив секако ги издвојуваме оние на Јордан Митев (Жена за 100 години) и на Игор Димовски (Пауза за ракија 2), видео приказни кои одамна ги очекуваат нивните обожаватели и нашата публика. Како за крај, во финална обработка е и најновиот, посебен и досега различен проект на мега популарните Анета и група “Молика” насловен како “Од Истанбул до Лондон”, кој ќе донесе посебна свежина на фреквенцијата на BalkanMusicTv. Со надеж дека ќе дојдат подобри и посреќни денови за сите нас па и за музиката, можеме и во иднина да ви ветиме дека нашите планови се “стокмени” и на подолги патеки. Затоа што музиката не може никој да ја сопре, ниту да ја заборави.
Кои сме ние без музиката…празни во душата, тажни во очите и срцето!!!